Урологот д-р Горан Јовиќ заминува од велешката болница, таа распиша оглас за вработување на четворица лекари!
Доктор Горан Јовиќ, уролог во велешката болница заминува на работа во Скопје, за Дума.мк потврди директорот на болницата Атанас Василев. Вториот уролог Димитар Стровјаноски е со нарушено здравје и работи со скратено работно време па одделението некое време ќе има недостиг од доктори вели директорот.
„Сепак сметам дека ќе се снајдеме како и до сега, еден уролог веќе имаме испратено на специјализација, а уште еден ќе испратиме. Додека да се доекипира одделението ќе ангажираме доктор од Скопје и поради тоа ве уверувам дека урологија нема да згасне“, рече Атанас Василев, директор на велешка болница.
Инаку доктор Јовиќ својата кариера ја започна токму во велешката болница, тој дел од својот ангажман го помина и надвор од земјава, и повторно се врати во болницата, ја изведе првата операција за продолжување пенис во земјава, а министерството за здравство го прогласи за еден од најдобрите десетмина доктори за еден месец од годинава.
Во меѓувреме болницата веќе распиша оглас за примање на четворица доктори од општа медицина и тој трае до крајот на неделава. Според директорот овие лекари веднаш ќе бидат испратени на специјализација во странство.
„Вчера излезе оглас за општи лекари, примените ќе одат на специјализација и тоа од областите, дигестивна медицина, гинекологија и акушерство, анестезиологија и урологија. Ние постојано вработуваме лекари и ги упатуваме на специјализација бидејќи мораме да го пополниме вакумот од 10 год кога не бил вработен ниту еден лекар, а што ние сега го чувствуваме“, вели Василев.
Инаку просекот на возраст на лекарите од болницата се движи од 55 до 62 години. Доктор Пејовски догодина заминува во пензија, а докторката Караѓозова не се знае дали ќе се врати од неплатениот одмор во Германија. Сепак раководството убедува дека болницата ќе има капацитет да одговори на проблемите на граѓаните./Б.Н.