Шеесет дена е рокот во кој второстепената владина комисија ке мора да одлучи по жалбата на Јосе Крстев
По жалбата на семејството Крстеви од Велес второстепената владина комисија има рок за изјаснување од шеесет дена. На први декември, најдоцна, Драгица Крстева ќе знае дали нејзиниот болен сопруг ќе продолжи или не да ја користи инвалидската пензија. Дотогаш ќе мора да живеат само со парите што Јосе ги добива за нега на болен.
„Незнам како ќе преживеме. Живееме од денеска за утре. Се страмам од ова што го кажувам ама ние го допревме дното. И не се жалам јас туку го жалам мојот сопруг, добро е што тој не ја разбира многу работава. Без излез сум, тоа е тоа, рече Драгица Крстева.
Таа пред неколку дена соопшти дека нема пари ни за храна ниту за лекови на сопругот. Неможе да ја плати станарината за станот во кој живеат и се плаши дека газдите ќе ја исселат. Нема каде да оди.
Во претходната година Крстеви живееле со времената инвалидска пензија што му била одобрена на Јосе. Тој во септември бил повикан на контролен преглед а потоа му била укината пензијата која ја добил по неколку мозочни удари и со дијагнози склероза и канцер на носот. Сега освен од склероза тој боледува и од валенбергов синдром. Јосе не може сам да се движи и затоа Драгица го храни, носи до бањата, го облекува. И таа е невработена, ја изгубила работата кога се затворил Судот на здружен труд.
„Очекувам дека министерот ќе го слушне мојот апел за помош, ќе ја побара документацијата, ќе ја разгледаат и ќе донесат правилна одлука бидејќи не е во ред што му ја укинаа пензијата, тој не е способен за работа, рече Драгица.
Болеста на Јосе и трагедијата што летово му се случи на семејството, кога на бродоградилиште во Црна Гора загина нивниот син, целосно го истошти семејството.