Велес ги прогласи најуспешните граѓани кои ја одбележаа 2022 година

Објавено на 29 декември, 2022 во 17:53
Фото: Прогласени најуспешните велешани во 2022 година

Андреев е најхуман крводарител, Шаќировски е најдобар полициски службеник, Јолдашев е најдобар пожарникар и Царев највреден комунален работник за 2022 година во општина Велес. Овие четворица велешани ја одбележаа годината што полека си заминува. Нив општина Велес ги награди за нивните вредности како што се пожртвуваност, придонес, тродољубивост, посветеност кон работата и исполнување на граѓанската должност, со кои што се вброија помеѓу десетиците нивни сограѓани кои исто така, досега, се наградувани за исти или слични вредности.

Фото: Врачување на наградата на најхуманиот велешанец, Јован Андреев

За 100 дарувања на крв во изминатите 47 години , последното годинава, на неговиот роденден, на 25-ти октомври, велешанецот Јован Андреев е прогласен за најхуман граѓанин на Велес за 2022 година. Овој наш сограѓанин е пример за сите велешани затоа што спасил 100 животи на велешани и на граѓани од други градови во државата. Андреев е препознаен од Општинската организација на Црвен Крст и од здравствените институции, поточно болниците во Велес и во Скопје, како крводарител кој што веднаш се јавувал на итни повици за дарување од својата многу ретка крвна група АБ+. Јован Андреев е прогласен за хуманист на 2022 година.

Фото: Врачување на наградата на најдобриот полициски службеник Џеваир Шаќировски

Службеникот Џеваир Шаќировски, скоро две децении секојдневно ја носи полициската униформа. Шаќировски цели 18 години е припадник на Посебната единица на полицијата и во моментов ја раководи Групата за интервенција во Секторот за внатрешни работи Велес. Во своето професионално работење Шаќировски се истакнува со темелност, одговорност и бескомпромисна посветеност во борбата против криминалот. Во неколку наврати наградуван е и за учество во големи полициски акции додека својата ефикасност и ефективност ја потврдува и годинава со откриени и фатени сторители на кривични дела поврзани со неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанци, најмногу фатени сторители на кражби и тешки кражби на лице место, како и најмногу приведени лица кои се бараат за одлежување казна затвор.

Фото: Врачување на наградата на најдобриот пожарникар, Александар Јолдашев

Пожарникарот спасител Александар Јолдашев на Територијална противпожарна единица Велес годинава професионално и посветено учествува во сите активности и акции што се организираат за безбедност на граѓаните. Зема учество во обуките за едукација на вработени во индустриски капацитети и население. Се грижи за опремата и нејзинатата исправност, несебично помога и максимално се вложува како хуман и храбар човек и колега. При спроведување на акциите приоритети му се спасувањето животи на граѓаните и нивните матријалните добра, на сметка на ризикот по сопствениот живот. Александар е подеднакво тимски соработник на обука и при интервенција. Одговорен, дисциплиниран, посветен и професионален. Тој е пример за сите следни генерации на млади пожарникари. За се ова е добитник на наградата Најдобар пожарникар за 2022 година.

Фото: Врачување на наградата на најдобриот комунален работник, Зоранчо Царев

Цели 12 години како возач на трактор, Зоранчо Царев во ЈКП „Дервен“  е препознатлив по професионалност, посветеност и волја да се справи со предизвиците. Да  испорача услуги во интерес на граѓаните, не штедејќи се и по  истекот на работното време, за време на неделен одмор и во било кое време  кога налагаат приликите. За сите постигнати успеси и примерот што го дава на младите генерации, Зоранчо Царев е добитник на наградата за најдобар комунален работник за 2022 година.

Градоначалникот на општина Велес, Марко Колев им ги врачи наградите на најуспешните велешани за 2022 година на денешната свеченост по повод испраќање на старата и пречек на новата 2023 година.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.