Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

Дел од Стар Мост на фотографија од 1863 година

Еден од најстарите споменици на Велес е Стариот мост на Вардар кој и денес ги поврзува двете страни на градот. Тој со своето постоење е сведок на сите настани што се случиле во овој каменест но слободарски град. Стариот Мост ги чува сите тајни, таги и радости на велешани. Тој бил единствената врска на луѓето од едната и другата страна. Преку него граѓаните минувале и на свадби и на закопи. Го минеле и поробувачи и ослободители. Сите тие си заминале но, Стар Мост остана до ден денес со сите таги и радости.

Многумина се прашуваат кога бил изграден Стариот Мост? Велешкиот истражувач Љупчо Данов ги поседува информациите и фотографиите за изградбата на мостот, за градителите, за тоа кој и кога го разурнал стариот град што се наоѓал на Калето над реката Тополка и кога околу мостот биле изградени првите христијански и муслимански куќи. Според Евлија Челеби, познатиот турски патеписец, кој во 1661 година го посетил Велес и го опишал за прв пат подетално, мостот бил изграден во времето на Мехмед II Освојувачот, во период од 1467/82 година. Познатиот патеписец го опишан како „ дрвен мост со 4 отвори“. Подоцна Аџи Калфа, современикот на Челебија, ќе запише дека во Велес постои мост со 2 стопи од камен во водата.Долго време овој мост бил единствен премин преку Вардар и ја овозможувал комуникацијата на граѓаните од источната на западната страна во градот.

Локацијата на која првично бил изграден Стар Мост, кај Маркова меана

Инаку, според документите кои ревносно ги чува нашиот сограѓанин Данов, стар Велес постоел одамна и се наоѓал околу велешкото Кале, на вливот на реката Тополка во Вардар. Градот имал стратешко место од каде се вршела контрола на патните правци север - југ и по течението на реките Вардар, Тополка и Бабуна. Стар Велес од секогаш бил важна стратешка точка и затоа бил добро утврден и бранет.

Во 1398 година, по повеќе месечни борби градот бил завземен од Османлиите, предводени од Тимурташ паша. И покрај преземањето тврдината долго време потоа останала во употреба штитејќи го преминот низ клисурата и дрвениот мост кој постоел преку Вардар, уште од времето пред доаѓањето на Римјаните во овие краишта. Мостот се наоѓал на местото „ Маркова меана“, каде денес се наоѓа црквичката „Св.Јован“, во кругот на фабриката за кожи „ Димко Митрев“. Меѓутоа, по двата земјотреса, во 1405/1406 година, мостот бил разурнат, а ѕидините на тврдината биле оштетени. Од земјотреси се јавило и свлекување на земја и камења како од рирот така и од самите куќи.

Според турскиот попис од 1445 година Калето, кое сеуште било во употреба, го чувала мала посада од едвај десетина војници. Христијанското население полека го поместувало градот на север околу новоизградениот мост, кој се наоѓал на излезот од клисурата и на почетокот на ридот што староседелците го нарекувале Крајник (крајниот рид на клисурата, според турски извори).

Фотографија со Стар Мост од 1868 година

Така Велес, од Калето се селел околу мостот, покрај кој најнапред се населиле девет христијански и девет турски фамилии. Нив ги нарекле „ муселими“ - измеќари на мостот. Тоа биле околу 30 луѓе, кои биле вооружени и освен одбрана на мостот имале задача да го одржуваат и по потреба да го поправаат мостот. Тие имале привилегија бидејќи не плаќале даноци, не служеле војска, а наплаќале и мостарина. Градот го добил името Ќупурлу (Köprülü) што во слободен превод значи место со мост или како што ќе запише еден турски лингвист, најсроден превод би бил Мостар ! Според пописот од 1445 година во градот живееле 9 муслимански и околу 200 христијански фамилии.

Инаку, според документите прв Устабашија (старешина –мајстор на мостот ) бил Уста Мехмед. Тој според кажувањата прв изградил куќа на почетокот на мостот, на место на денешната семејна куќа на Ванови. Подоцна, во пописот од 1528 година, за прв пат се споменува дека имало и маало кое се викало „ Измеќари на мостот“, кое се наоѓало на левата страна на реката Вардар, како и занимање мостар - за чување, мерметисување и надгледување на Новиот мост (Yeny most).

Фотографија со Стар Мост од 1902 година, фотографирана од Саат кулата

Велешкиот Стар Мост им пркосел на годините и вековите. Многупати бил носен од надојдените води на реката Вардар, уриван и пален, дури и неговата локација делумно се променила.Според некои кажувања Дервенскиот поток, во прво време, се вливал во реката Вардар под мостот некаде до Малина, кај куќата на Перкови, но подоцна е преусмерен на денешната локација, над мостот.

Целото сливно подрачје и денес изобилува со песочни наноси и затоа и маалото, дури и Белата џамија, носи назив Кумсал ( песок - песочна џамија). Нејзините темели биле закопани во песок, а и денес, по течението на потокот има куќи чии темели се вкопани до 1,5 метри во песок.

Многу години Стар Мост бил единствениот премин преку Вардар. Многу подоцна, на местото на денешно Мало Мовче никнало скеле за минување преку Вардар. Во средина на 17 век е изграден пешачки дрвен мост што до ден денешен велешани го нарекуваат Мало Мовче.

Останало забележано дека Стариот Мост, дури во 1544 година, за прв пат, добил Устабашија – христијанин. Тоа бил Уста Рале. Очигледно дека со своето знаење и способност се наметнал да биде главен мајстор на мостот.

Во 1689 година во Велес влегува еден одред на Австриската војска на чие чело бил генералот Пиколомини со 100 австријци и 400 српски и албански војници доброволци предводени од капетанот Сановски. Тие убиле околу 30 вооружени Турци и поради чумата го запалиле градот како и дрвениот стар мост !

Стар Мост на фотографија од 1916 година

Но, мостот бил повторно изграден. Интересен е фактот што при најголемата поплава во Велес, во 1916 година, за време на Првата светска војна, Мало мовче е однесено од надојдениот Вардар, а Стариот Мост успеал да и се спротивстаави на стихијата!

При истражувањата, како што ни рече Љупчо Данов, тој ги открил имињата на велешките фамилии, кои ги дале последните муселеми - чувари на мостот. Едните биле муслимани, а другите христијани. Муслимански фамилии биле Арапови, Каматинкови, Заимови, Манафови, Саатефендиови, Еминови, Агопашови, Саитови и Доксандедиови, а од христијанските Леови, Лапевци, Палашеви, Хаџи Стојанови, Хаџи Оцеви, Хаџи Гочеви, Џајкови, Тодорови, Салџиеви.

Во 1831 година, според пописот, во Велес имало 12.833 христијани и 5042 муслимани. Во 1839 година бил донесен Ѓулханскиот хатишериф, со кој Султанот ги изедначил правата на христијанското и муслиманското население во Отоманската империја. Со тоа христијаните добиле можност за школување на мајчин јазик, градба на верски објекти и други права.

Во пописот од 1866 година во Велес живееле 18.134 граѓани од кои 12.592 христијани, 4960 Турци, 308 Власи и 274 Роми. Тогаш за прв пат било овозможено запишување и на други етнички групи како и декларирање на етничка и верска припадност.

Симболиката на Стариот мост се провлекува и со симболиката на соживотот помеѓу муслиманското и христијанското население. Така гледано низ вековите соживот секогаш имало во Велес.

Овој текст е посветен на најстариот мост во градот има цел да остави трага за минатото во градот и да поттикне наши сограѓани доколку имаат сознанија за семејствата на мајсторите на Стариот Мост да ја исконтактираат редакцијата на Дума која одлучи да истражува, забележува и објавува настани, случки и личности што живееле и оставиле белег во родниот град.

Стоилко Андреевски

 

 

 

SEMM baner MK

Поврзани вести

banerduma

 

 

baner i od veles se moze

E baner

Konsalting Jovevi

 
   
   
   
   

Најново