Велешанец со 2,16 промили алкохол во крвта предизвикал три сообраќајки во една вечер

Објавено на 9 мај, 2025 во 12:31

Полициските служби од СВР Велес го лишија од слобода 50-годишниот велешанец С.Д., кој во средата навечер под дејство на алкохол управувал возило и предизвикал три сообраќајни незгоди во различни делови од градот.

Инцидентот започнал на улицата „Димитар Влахов“, каде што С.Д., возејќи автомобил марка „Сеат“ со велешки регистарски таблички и без важечка возачка дозвола, удрил во „Опел“ управуван од 44-годишниот Р.И. од Велес. Наместо да запре, продолжил да вози и на улицата „Петре Прличко“ се забил во рампа на автобуската станица. И покрај вториот удар, не застанал, туку продолжил понатаму и на улицата „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ удрил во паркирано возило „Тико“, исто така со велешки регистарски ознаки.

Полицијата го сопрела С.Д. на улицата „Прохор Пчински“ околу 23:45 часот, по што било утврдено дека управувал возило со 2,16 промили алкохол во крвта. Лицето било задржано во полициска станица, а за настанот бил известен јавен обвинител.

Против С.Д. ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-а од Кривичниот законик за „безобѕирно управување со моторно возило“, како и соодветни поднесоци согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.