Велешани ги соопштија првите проблеми, новинарите на Дума.мк ќе бараат решенија

„Јас сум Јован Ѓорѓиев и живеам на улица „Страшо Пинџур“. Имам проблем од институциите. Конкретно имам 5 м2 простор, според Детален урбанистички план , што припаѓаат на моја парцела но една деценија не можам да добијам решение дека се мои туку се водеа како дел од парцела на веќе разрушена куќа што и припаѓаше на државата. И сега откако куќата се урна, тие спорни 5м2 се дел од таа, соседна парцела. Јас поведов постапка дури имам платено и данок на недвижен имот но никако да влезат во мојата парцела. Процедурата се уште не е завршена иако повеќе пати сум бил во Општина Велес. Јас немам документ добиено во кој е внесена спорната површина, дека ми припаѓа мене, поточно на моето семејство, рече во Отворено студио на Дума.мк овој велешанец кој тврди дека една година трчал по институциите за да го добие документот. Образложението на општината било дека предметот е испратен до државната првобранителка од која се очекува Решение за внесување на спорните 5 м2 во имотот на велешкото семејство Ѓоргиеви.

Во отвореното студио на Дума.мк, во саботата, на 26 февруари, на плоштад „С`рмаале“ граѓаните имаа можност да го соопштат својот проблем за кој немаат решение. Целта на форматот што регионалниот веб портал „Дума.мк“ го воведе во својата работа е да оствари лична комуникација со граѓаните чија крајна цел е да подготви новинарски приказни со цел тие да дојдат до решенија.
Велешанец, исто така, го отвори прашањето на присутните бездомни кучиња на улиците во градот со предлог да се превземе иницијатива за нивно згружување во стационар.

-Од понеделник до сабота, секојднево, ги хранам бездомните кучиња пред мојот дом. .Проблем на целиот град се кучињата скитници и граѓаните сакаат тој проблем да го реши градот бидејќи порано ветија а ништо од тоа. Можат стационар за кучиња да направат и да ги вдомат. Ние живееме во 21 век а овде гледам тој век уште не е дојден, додаде граѓанинот.
Тој смета дека отворањето на стационарот би бил првиот чекор што потоа би овозможил преку вдомување на бездомните кучиња Велес да биде поубаво и побезбедно место за живеење, особено за граѓаните и децата кои се плашат да не бидат нападнати или каснати од овие животни.

Редовниот читател на „Дума.мк“, велешанецот Благој Ламјов во Отворено студио на Дума.мк се јави од Малме, во Шведска каде што тој живее и работи за да констатира дека жали што неговиот роден град изгледа како „фиќо пред распаѓање“.
– Ви благодарам за се што правите за Велес. Мој проблем и на целото наше општество а и на општина Велес , до која апелирам и замолувам да превземе нешто и да не остави градот кој ни е како едно фиќо пред распаѓање на кое му става клима уред. Мене ми пречат партиските вработување затоа што јас не ги гледам најквалитетните сограѓани ангажирани во општината и од страна на СДСМ и од страна на ВМРО ДПМНЕ. Имам лични пријатели и во двете партии но сакам да се стави крај на епизодата „партиски вработувања“ и изборот да се прави на база на квалитет. Исто така, вие кои сте сериозни новинари, би ве поддржал и серизно да се посветите на тоа да се стави крај на портали и ФБ страници кои тотално го отруја нашиот народ со лаги и дезинформации. Јас би кажал ако можеме да се соединиме и да го решиме тој проблем затоа што тоа се длабоки работи кои креираат нов менталитет кај нашиот народ, со кои го трујат, додаде Ламјов.

Освен овие тројца храбри граѓани, кои својот проблем, го кажаа јавно, во камера исто така повеќемина се одлучија да продолжат да пишуваат на фејсбук страницата на Дума.мк. Така Христо Ашиковски напиша дека живее на ул: „Д-р Панче Васков“ во населбата Речани без комунална инфраструктура.
-Еве јас да кажам за Речани, на ул: „Д-р Панче Васков“ нема вода и канализација а да не зборуваме за пристапниот пат, улицата, за која мислам дека таква нема ни во селата. Никој не доаѓа да види во каква состојба живееме, додаде Ашиковски.
Неговата соседка Наташа Ресавска напиша:
„За Речани улично осветлување ,дива населба ,ѓубре долж цел пат, во дожд со кола ќе заглавиш во кал а не пешки, се копа за вода уште пред изборите што значи уште повеќе кал и ништо не е израмнето како што треба.“

Велешанката Марија Натова се надоврза во пишувањето со тоа што соопшти дека една година не можеле да најдат решение со приватна агенција за одржување на хигиена.
-Кога веќе ова е валидна страница, каде што може јавно да се каже проблем, па дури да се најде и решение, еве една едногодишна голгота помината со Агенција „Вел Дом“ поради непридржување на обврските што ги превземале. Имено се работи за неуредно и неконстантно чистење на смет и се друго во зграда К1 на ул: „Благој Ѓорев“ бр. 139. Всушност се чисти колку да се рече дека се чисти, се гушиме во ѓубре. Само пред зградата наводно се заметува колку да не биде забележано а позади зградата еднаш месечно што е многу малку. Следи летен период и се апелираше неколку пати од страна на станарите но ништо од тоа. Се собраа потписи и повторно ништо. Сега се обидовме и кај комуналниот инспектор во Општина Велес па да видиме дали ќе се најде решение, напиша Натова.
За сограѓанката Марија Тодорова сериозен јавен проблем се финансиските средства што пензионерите секој месец ги издвојуваат од пензиите кои по нивна смрт семејствата ги добивале дури по неколку месеци.
-Еве еден проблем што никој не го кажува. Што стана со парите од Солидарен фонд на пензионерите. Тие средства доброволно ги одвојуваме од и така мизерните пензии а париве ги нема со месеци не им се исплаќа сумата за погреб. До тие ли пари некој олигарх дојде?, напиша Тодорова.

Велешанецот Зоран Игнов напиша дека домот на неговото семејство бил ограбен и сеуште немало разврска на грабежот.
-Наркомани ни ја ограбија куќата од каде украдоа врати, прозорци, шпорет, фрижидер, креденец, сталажа, кревети, садови за домаќинство. Законски не се гонат затоа што биле наркозависници, пишува Игнов.

До реализација на второ „Отворено студио“, новинарите на Дума.мк, ќе пишуваат на темите што ги отворија овие наши сограѓани. За да можеме да работиме видео приказни ги покануваме граѓаните да ни бидат соговорници и во камера да ги соопштат нивните проблеми за кои заедно ќе бараме решенија.
Убавка Јаневска
