Велешани на 18 јавни места можат да се напијат вода, дел од чешмите постојано на удар на вандали

Носете лесна и светла облека, шешир, капа или чадор како и шише со вода, гласи препораката на лекарите кои во услови на тропски горештини секојдневно упатуваат апел. Тие, исто така, ги советуваат Велешани често да пијат вода како дома така и на улица за да се заштитат од колабирање или сончаница.
Дума.мк го прашаше Јавното комунално претпријатие „Дервен“ каде може граѓаните шишето за вода да го дополнуваат од јавните градски чешми во Велес поточно на колку локации и на кои улици. Од таму одговорија дека низ градските улици во употреба се 18 и на езеро „Младост“ една јавна чешма.
За разладување и пиење вода од градскиот водовод Велешани можат да ги користат јавните чешми на улиците: Невена Ѓорѓиева Дуња, Благој Ѓорев каj „Багремче“, Благој Ѓорев кај детско забавно паркче „Дизни“, кај Општина Велес, во парк пред Гимназија Кочо Рацин, во Младински парк и во Градски парк каде што се наоѓа ѕидана чешма. Исто така на серпентина кон градска Болница на улица Самоборска, на Плоштад Којник, на улица Петре Алчев, на улица Коле Дрнков – спроти Градска Пошта, на улица 8 ми Септември поточно на плоштад Сармаале и спроти Градски Саат, во Долнодуќани. Потоа на Градски пазар кај кафеана Пармак како и во парковите пред училиштата Васил Главинов и Коле Неделковски во комплекс УЗУС и на Здравствен дом или популарно наречен „УРЕД“.
Според велешките комуналци една јавна чешма има и на езеро „Младост“.
Во одговорот на новинарските прашања од „Дервен“ повторно апелираа граѓаните да не ги вандализираат јавните чешми.
„Пред околу една година беа поставени нови јавни чешми на повеќе локации во градот со механизам за пуштање вода, со што беа заменети старите расипани чешми, но комуналното претпријатие континуирано се справува со проблемот на уништување и кражба на механизмите на чешмите, поради што секогаш не функционираат сите од нив. Истиот проблем се случува и со украсните фонтани, каде нашите вработени наоѓаат камења, цигли и секаков вид отпад. Честопати ваквиот вандализам допринесува до оштетувања на системите во фонтаните и тие не функционираат до нивната поправка што за жал е проследена со повторен чин на вандализам,“ напишаа во одговорот од ЈКП „Дервен“.
Убавка Јаневска
