Велешани повторно крадат и уништуваат – наместо ново зеленило, ЈКП „Дервен“ троши на поправки

Објавено на 3 јуни, 2025 во 12:25

Велешани повторно ја уништуваат урбаната опрема низ градот. Екипите на Јавното комунално претпријатие Дервен вчера на терен забележале нови случаи на вандализам и уништување на јавна сопственост. Поточно, целосно е оштетен системот за наводнување кај Спомен костурницата – искршена е една шахта и два електровентили, а украдени се 11 прскалки. Дополнително, делови од системот за наводнување се украдени и во паркот кај Железен мост.

По овие настани, Дума.мк побара став од ЈКП Дервен, од каде што велат дека ова не е изолиран инцидент, туку дел од поширок и загрижувачки тренд на уништување и кражби на јавна сопственост.

-Како по навика, секој новитет во градот мора да се судри со деструктивната природа на оние чии афинитети не се вклопуваат во нормалното секојдневие. За жал, урбаната опрема и цветните насади континуирано трпат вандализам и кражби. Се уништува градското зеленило, се краде засаденото цвеќе по јавните површини, се крши и пали урбаната опрема како клупи, корпи за отпадоци и слично, а во градските фонтани нашите вработени секојдневно наоѓаат секаков вид на отпад, па дури и фрлени камења со кои се оштетуваат пумпите за фонтаните, објаснуваат од ЈКП „Дервен“.

Дополнително, се крадат и чешмите од фонтаните за пиење вода, вентили, капаци од шахти и како што велат од ЈКП „Дервен, – „накратко – сѐ што може да се однесе“.

-Штетите се големи, но не само за јавното претпријатие туку и за граѓаните затоа што сѐ што уништуваат вандалите е платено со средства на граѓаните. Оштетените и украдени работи се обновуваат, но наместо да се вложат средства во повеќе зелени и цветни површини или дополнителни клупи и корпи за отпадоци, претпријатието тие средства ги троши за обнова на тоа што е уништено, додаваат од ЈКП „Дервен“.

Дума.мк пред само две недели пишуваше и за уништувањето на новопоставените канти за отпадоци низ градот, кои беа искршени, превртени или украдени. Овие најнови случувања се само дополнителен доказ дека трендот на уништување продолжува и дека дел од граѓаните, наместо да го зачуваат она што е направено за општо добро, свесно го оштетуваат. Вандализмот не само што го нарушува изгледот на градот, туку и ги прави напорите на институциите залудни, а штетата на крајот ја плаќаат сите.

Се апелира до сите граѓани за повисока свест за заштита на урбаната опрема и свој придонес за поубав, почист и поуреден изглед на нашиот град.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.