Велешани се степале, Кавадарчанец се заканувал на сопругата и Неготинец агресивно се однесувал кон сообраќајни полицајци,на должност

Вчера на пладне, во 12.20 часот, во Сектор за внатрешни работи Велес било пријавено дека на улица „Архиепископ Михаил“ во Велес, поради недоразбирање околу сообраќајот и по кратка расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Ф.Р.(20) и 43-годишната З.Р. од Велес, од една страна и Т.С.(52) од Велес од друга страна.
Шест часа и 20 минути подоцна во Кавадарци, полициски службеници на ОВР Кавадарци го лишиле од слобода Л.К.(50) од Кавадарци затоа што се однесувал агресивно во семејниот дом и упатил закани на неговата 49-годишна сопруга. За настанот бил известен јавен обвинител и лицето било задржано во полициска станица.
Агресивното однесување кон полицискислужбеници, коишто извршувале службени дејствија, се случило рано утринава, поточно во 02.30 часот на улица „Шишка“ во Кавадарци. Таму полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај на ОВР Кавадарци го привеле Р.Ѓ.(31) од Неготино. И тој бил задржан во полициска станица.
-По документирање на трите настани против граѓаните учесници во трите евидентирани случки ќе бидат поднесени соодветни пријави, соопшти Биљана Ѓаковска портпаролка на Сектор за внатрешни работи Велес.
Убавка Јаневска
