Велешанката Симона Миланова од „Васил Главинов“ со прво место на Меѓународен фестивал во Златибор

Објавено на 14 мај, 2025 во 11:07

Ученичката Симона Миланова од седмо одделение при основното училиште „Васил Главинов“ од Велес, освои прво место на 33. издание на Меѓународниот детски фестивал „Деца меѓу нарциси“ што ќе се одржи во Златибор, Србија. Таа се истакна со три литературни творби на различни теми, меѓу кои „Разговори о срећи“, „Читањем се побећује празнина“ и „Шапа или њушка – пријатељства знак“, со што се закити со највисокото признание на фестивалот.

На фестивалот учествуваа и уште пет ученички од седмо одделение, кои со своите творби го претставија училиштето на меѓународно ниво. Поканата за присуство на свеченото доделување на наградите е закажана за 22 и 23 мај, но ученичката и нејзината менторка, за жал, најверојатно нема да можат да присуствуваат.

-Оваа година првпат дознавме за овој фестивал и земавме учество. Вчера, со телефонски повик од Златибор, ме информираа дека Симона е победник со освоено прво место. Многу сме среќни и горди, но за жал, финансиите ни се проблем и не можеме да присуствуваме на доделувањето на наградите. Ова ни се случува подолг временски период – да немаме спонзорства, но не ни претставува пречка да ги освојуваме првите места на меѓународните фестивали, за Дума.мк изјави менторката и наставничка Бојанка Џипунова Ташова.

Фестивалот „Деца меѓу нарциси“, кој годинава се одржува по 33 пат, е организиран од Културниот центар на Златибор и ќе трае од 20 до 24 мај. Оваа културна манифестација ќе ја отвори познатиот актер Слободан Нинковиќ, а во програмата се вклучени театарски претстави, хорови, фолклорни и балетски изведби, изложби, работилници и дружење со поети. Целта на фестивалот е промовирање на детското творештво и меѓукултурно поврзување на деца од целиот регион.

Меѓу наградите што ќе бидат доделени се викенд престој на Златибор, влезници за „Дино парк“ и „Авантура парк“, како и колективна награда за училиштата со најголем број испратени творби.

Со оглед на тоа што ова не е првпат учениците од ООУ „Васил Главинов“ да добиваат први награди на меѓународни фестивали, но редовно се соочуваат со недостаток на финансиска поддршка, добредојдена е поддршката како од граѓаните така и од бизнис заедниците со цел овие ученици достоинствено да ги примат заслужените признанија и да го претставуваат својот град на најдобар начин.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.