Велешанката Валентина со семејниот „Пчеларник Дукови“ ожнеаа нови шампионска титула и два златни медали на натпревар во Србија
Објавено: 27 август, 2025, во 13:23 часот
Нова шампионската титула годинава освои производот прополис на „Пчеларник Дукови“ на натпревар на медопроизводители од балканските држави што се одржа во Степоевац, соседна Србија, по минатогодишната за саќе. Високото признание Дукови го донесоа во Велес, изминатиов викенд, заедно со уште два златни медали коишто ги добија за квалитет на ливадски мед и повторно за производот мед во саќе. Балканот веќе знае дека Дукови се производители на висококвалитетен мед и производи од мед во Пчеларникот што се наоѓа во село Подлес, Општина Градско, како дел од поднебје под Клепа коешто ги поседува сите карактеристики на еколошки здрава и чиста средина.

Валентина Дукова, за Дума.мк, раскажува за чувството коешто е благопријатно кога во силна конкуренција на неколку стотини пријавени медопроизводители од Балкански земји но и од Италија жири комисиите измериле вредности којшто покажуваат најголем квалитет токму на нивните производи што пчелите ги собрале од цветовите на билките во Подлес.
По две децении на развој на семејниот бизнис „Пчеларник Дукови“ од страна на нејзиниот сопруг, Валентина, активно се вклучува во последните осум години. Нејзниот секојдневен ангажман овозможува да се размисли и сериозно да се развиваат нови привлечни бизнис форми како што е Апикомора. Оваа Велешанка е сертифициран Апитерапевт.

Помошта од двајцата синови и нивниот личен ангажман на пчеларникот му ја носи препознатливоста по производство на матичен млеч откако Дукови се познати производители на пчелните производи како што се перга, полен, пчелен восок и прополис. Пчеларникот во развојниот план го внел и производството на пчелен отров.

„Пчеларник Дукови“ има 200 кошници со пчели. Валентина веќе е позната како жена фармер во пчеларството која со семејството размислуваат како производството да го прошират и доближат на европскиот пазар.
Убавка Јаневска


