Велешка болница ги отвора вратите за 11 приватни специјализанти, шест со ССС и еден Фармацефт

Тројца приватни специјализанти интернисти и тројца гинеколози акушери како и по еден ендокринолог, гастроентерохепатолог,нефролог, психијатар и радиолог треба да станат дел од високостручниот медицински персонал на ЈЗУ Општа болница Велес. Пријавени приватни специјализанти од овие медицински гранки има на конкурсот на Министерството за здравство, којшто официјално завршува утре, 8 април, 2025 година. Според првичните информации којшто директорот Александар Бузалков ги добил од министерството многу веројатно е дека прифатена е потребата на велешка болница.
-Според пропозициите на конкурсот за прием на приватни специјализанти во болниците во државата, пропишано беше дека изборот на кандидатите ќе се изврши според местото на живеење или според најблиското место на живеење до болницата која има потреба од ангажирање на ваков профил на медицински кадар. Последните информации што ги добив од министерството се дека помеѓу пријавените кандидати има приватни специјализанти коишто одговараат на потребите на нашата болница. По завршувањето на огласот, значи во текот на утрешниот ден, на Комисијата ќе и бидат потребни неколку денови да ги разгледа пристигнатите документи. Потоа ќе следи постапката на полагање на здравствениот испит и испитот за познавање на Англиски јазик. Со тоа кандидатите ќе стекнат право за прием во болницата. Сметам дека време од еден месец е тој оптимален рок во којшто велешка Општа болница ќе може да ги прими на работа на неопределено време потребните 11 приватни специјализанти, рече Бузалков.
На новинарското прашање на Дума.мк дали ќе има почетно решение за проблемот на болницата од недостиг на здравствени работници со средно стручно образование директорот одговори позитивно притоа нагласувајќи дека тоа ќе бидат од вработените со Договор на дело.
-Да, болницата има одобрување од страна на Министерството за здравство за прием на уште шест здравствени работници со средно стручно образование. Станува збор за четири медицински сестри и двајца болничари. Исто така и за еден дипломиран Фармацефт. Се надевам дека во краток временски период ќе го добиеме и одобрувањето од страна на Министерството за финансии за вработување и на овој неопходен здравствен профил, додаде Бузалков.
Директорот додаде дека за да се постигне оптималната кондиција на ЈЗУ Општа болница Велес потребни се дополнителен број на вработувања составени од најмалку 10 до 15 специјалисти од различни медицински гранки како и од најмалку 20 медицински сестри.
-Тоа ќе биде развојниот план на којшто тимски со колегите ќе работиме во периодот што доаѓа. Се надевам дека ќе успееме да го оствариме. И да го ублажиме долгогодишниот, децениски, создаван проблем на заминување на здравствени работници од болницата на чии работни места не се примале нови. Паралелно со кадровската екипираност ќе настојуваме да го подигаме квалитетот на издавање на здравствени услуги на пациентите и со набавка на современи медицински апарати. Главно што сакам да соопштам е дека мора да ја вратиме довербата на нашите граѓани, пациенти, во здравствениот систем. Ете тоа нека биде моја честитка до колегите по повод 7 Април, денот на здравствените работници, додаде Бузалков.
Заклучно со месец февруари, годинава, во ЈЗУ Општа болница Велес работат 294 работници на неопределено работно време.
Убавка Јаневска
