Велешка болница со месеци без Компјутерски томограф, постоечкиот расипан и не може да се поправи
Со месеци не работи медицинскиот апарат за компјутерска томографија во ЈЗУ Општа болница Велес. Пациентите од Велес и соседните општини кои имаат потреби за брза и безбедна здравствена услуга при утврдување на повреди на глава, скелет, на `рбетен столб, на тумори и други видови на болести и повреди на внатрешни органи како и мускулно коскен систем не можат да ги добијат во болницата. Компјутерскиот томограф последен пат се расипал во месец декември, минатата година. Освен што се потрошила катодната цефка на овој значаен ренген апарат откажале и останати делови. Затоа од Велес секојдневно на снимање во соседните градови како Штип и Скопје се испраќаат пациенти. Некој од нив и летално завршуваат.
Дека КТ медицинскиот апарат не е во функција и не може да се поправи потврди и директорот на болницата д-р Божидар Бојаџиев.
-Со министерството за здравство имавме неколкукратна усна комуникација. Беа набавени од Австрија и од Германија резервни делови. Но апаратот не може да се стави во функција. Потребен е нов апарат, рече д-р Бојаџиев.
Од Велес за Штип и за Скопје се транспортираат и пациенти на кои по здобиени мозочни удари, инфаркти и изливи КТ снимањата им се потребни за да се утврди точна дијагноза неопходна за започнување на процесот на лекување.
Заменик министерот за здравство Владимир Рендевски не можеше да даде конкретен одговор што ова министерство ќе стори за решавање на проблемот со КТ медицинскиот апарат во велешка болница. Во телефонска комуникација соопшти дека ќе го информирал министерот за здравство Беким Сали и ќе се барало решение за проблемот.
И додека надлежните ќе бараат решение како последица на временските промени во статистичките податоци на Итна медицинска помош на ЈЗУ Здравствен дом Велес од вкупниот број на интервенции по 1% се мозочни удари и сообраќајни незгоди. Во овие бројки не се вкалкулирани граѓаните чии семејства сами ги транспортирале роднините кои имале потреба од здравствена помош во велешка болница, биле или се лежечки пациенти на одделенијата во оваа јавна здравствена институција или пак биле пациенти со потреба од снимање на Компјутерски томограф. Сите биле препраќани во други болници во државата.
Расипаниот Компјутерски томограф во велешка болница е набавен и ставен во функција во 2011 година. Медицинскиот апарат досега во повеќе наврати не работеше поради потрошени катодни цефки додека од месец декември, минатата година, целосно откажа.
Убавка Јаневска