Велешки Црвен крст обучува нови 15 граѓани за лични асистенти

Петнаесет велешани, граѓани кои се на различна возраст и постари се од 18 години, ја сочинуваат новата група која ја следи обуката за личен асистент во салата на Општинската организација на Црвен крст. Нив ги обучуваат лекар, медицинска сестра, специјален едукатор или дефектолог и социјален работник. Тие се обучуваат за издавање на услуги на лица со попречености како што се придружба до училиште, до работно место, помош во домот и слично.
-Досега оваа интензивна обука, со вкупно 200 наставни часови, во нашата општина ја имаат посетено вкупно 27 граѓани. Тие се обучени да издаваат услуги на лица со попречености. Од нив во моментов 16 лични асистенти се ангажирани од страна на Центар за социјални работи Велес. Значи по завршувањето на обуката и стекнатиот Сертификат издаден од Јавната установа -Центар за образование на возрасни, граѓаните се лични асистенти кои можат да помагаат во локалната заедница на лица со попреченост и да остварат финансиска надокнада за сопствениот ангажман, рече Орце Николов секретар на велешки Црвен крст.
Николов додаде дека по посетената обука и стекнатиот Сертификат, личните асистенти поднесуваат барање во Центар за социјални работи каде се ставаат на располагање за издавање на своите асистентски услуги. Штом таква помош побараат лица со попреченост изборот го прави Центарот којшто ги ангажира личните асистенти. Тие им помагаат на лицата со попреченост за што добиваат финансиски надомест кој изнесува 276 денари, во бруто износ, за ангажман за еден час.
Убавка Јаневска
