Велешките пожарникари, вчера вечер, прво гаснеа запален автомобил над брана Лисиче а ноќеска и запалена пилана во Кавадарци
Пожарникарите на Територијалната противпожарна единица Велес, вчера вечер, имаа полни раце работа. Прво интервенираа по примена дојава во 21:30 часот за запален автомобил над браната во село Лисиче. Со едно противпожарно возило и тројца пожарникари спасители по пристигнување на лице место интервенцијата се состоела од догасување на возилото и истовремено гаснење на запалена сува трева зафатена од пожарот што започнал во возилото. Пожарникарите затекнале глетка во која возачи и случајни минувачи по патот кон брана Лисиче, во Општина Чашка, како со гранки ја гаснеле запалената сува трева, за да не дозволат пожарот да навлезе во дабовата шума спроти браната на вештачката акумулација од чија вода се снабдува Велес. Пожарот за кратко време бил ставен под контрола и изгаснат.
Веднаш по оваа прва интервенција, во Територијалната противпожарна единица Велес, стигнала информација за потребна помош на колегите од Кавадарци, каде се запалила фабриката „Никон“. Седум пожарникари со две противпожарни возила заминале за Кавадарци. Таму глетката била сериозна и страотна бидејќи огнот пустошел се во пиланата и се заканувал на околните фирми. По повеќе часовна борба со огнот, до рано утрово, сите учесници во гаснењето поточно 30 пожарникари на ТППЕ Кавадарци, седум на ТППЕ Велес, на ТППЕ Неготино заедно со екипи на ЈП „Комуналец“, на „Голд Никел“ и ШС „Бор“ од Кавадарци успеале да го стават пожарот под контрола а потоа и да го изгаснат.
Убавка Јаневска