(видео и фото) Ангелов ја виде состојбата на двата моста кај Башино Село и кај Уланци, ќе има ли полза од извештаите на РЦУК ?
По увидот на мостот кај Башино Село и кај Уланци, од страна на директорот Стојанче Ангелов, Регионалниот Центар за управување со кризи соопшти дека ќе следат известувања до надлежните за состојбата. РЦУК ќе ги информира штабот за управување со кризи,Управувачки Комитет, групата за проценка и владата за сосстојбата во која се наоѓаат двата мостови, рече портпаролот Илија Бојаровски.
Мостот кај Башино Село одамна не одговара на потребите за преминување од едната на другата страна на река Вардар. Освен што статички не е целосно безбеден за сообраќај и пред и на него има голем број на дупки во коловозот. А се користи како дел од заобиколница и по него минат тешки товарни возила за да стигнат до фирмите, до индустриската зона УЗУС како и да продолжат кон општина Чашка. Овој мост неколку министри за транспорт и врски, меѓу нив и актуелниот Благоја Бочварски, ветуваа од поправки до целосна изградба на нов. Три години од последната изјава на Бочварски, со која соопшти дека мостот не може да се поправа туку потребна е изградба на нов, состојбата е непроменета. Столбовите на мостот немаат доволно добра носивост и се изложени на наноси од дрвја по секој зголемен дотек на вода во река Вардар.
Исто како мостот кај Башино Село така и мостот кај село Уланци, во општина Градско има сериозно оштетување. Неколку од носечките столбови се испукани скоро до половина од должината и не се безбедни за преминување преку Вардар. По изјавата дека мостот се затвора за сообраќај и за преминување, минатиот викенд кога водостојот на реката беше за 40 сантиметри повисок, Градоначалникот Киро Нацков го придружуваше Ангелов на увидот, вчера попладне. Нацков пријавил за состојба со многу заглавени дрва, гранки и друг материјал на столбовите од мостот за време на поројните поплави од пред неколку дена.
Во моментот на посетата, беше евидентно дека речиси целиот нанесен материјал е отстранет од столбовите на мостот, освен на едно место каде е заглавено големо откорнато дрво со гранки. Протоа Ангелов посочи дека секој мост е исклучително важен и треба да се одржува редовно особено при поројни поплави кога притисокот врз столбовите е најсилен.
Двата мостови, кај Башино Село и кај село Уланци, до Градско се изградени во 1973 од Југословенската Народна Армија (ЈНА) на поранешната југословенска држава (СФРЈ) и се значајни како за локалното население така и за одвивање на сообраќај. Како што дознава Дума.мк и вториот мост наместо поправка потребно е да се стави вон употреба и да се изгради нов. Според градоначалникот Нацков општината е во фаза на изработка на проект за изградба на нов мост, 50 метри подолу од постоечкиот кај Уланци. Слично решение има и за изградбата на новиот мост кај Башино Село. Но додека не се обезбедат финансиски средства нивната изградба е неизвесна.
Убавка Јаневска