(Видео) Крадец ограбува продавачки сред бел ден во бутик во Велес
Млад маж влегува поднаведнато во бутикот и постојано се обидува да не биде забележан од продавачките затоашто има намера да ги ограби токму нив, а не парчињата гардероба кој се продаваат. И успева да се сокрие помеѓу гондолите додека ги зема еден по еден паричниците од трите женски чанти позади пултот за плаќање, ги вади парите од двата додека третиот го изнесува надвор од бутикот. Грабежот се случува сред бел ден , поточно пред два дена, околу 13:24 часот, токму кога се предава смената од едни на други вработени продавачки во бутикот на главната улица „8 Септември“ . Крадецот со третиот паричник излегува надвор од бутикот. Кражбата се случува за неполни две минути. Но тој е регистриран на видео надзорот во бутикот.
-Крадецот не можевме да го забележиме затоа што влегол и за две минути излегол токму во време кога ние, три продавачки, се наоѓаме во задниот дел на бутикот и во ист момент додека тече примопредавањето на смената но и додека си помагаме што побрзо да се распакуваат кутиите со пристигната нова гардероба. Не успеавме да го слушнеме затоа што во тие две минути се одлепуваат кутии, се вадат најлонски кеси, се распакуваат парчињата облека. И чудно е што кражбата се случува без да влезе во бутикот друг купувач, рече за Дума.мк една од ограбените продавачки.
Таа е сопственичка на паричникот кој крадецот го изнесува надвор од бутикот. Успеала да го најде многу подоцна, кога граѓани и дојавиле, според личните документи што останале во паричникот. Така и ја пронашле. Но за жал без парите што таа ги носела тој ден.
-Поминавме низ вистински стрес. И јас и колешките свативме дека сме ограбени кога ја завршивме работата во задниот и дојдовме во предниот дел на бутикот. Чантите ни беа отворени. Моите две колешки веднаш констатираа дека им ги нема само парите што ги носеле тој ден со себе. Јас морав да пријавувам во полиција и да блокирам картици. Веднаш пријавивме во полиција и ја предадовме снимката од видео надзорот. Но, не се надевам дека крадецот ќе биде откриен затоа што полициските службеници првично не информираа дека тешко ќе можат да го идентификуваат ликот на крадецот, додаде разочараната продавачка.
Дума.мк побара официјална изјава од СВР Велес. Од таму до моментот на објавување на текстот не стигна одговор на новинарските прашања дали кражбата во бутик „Азуро“ во Велес е пријавена и што е превземено за да се открие крадецот. Кражбата можеби немало да се случи доколку на влезната врата на бутикот има аларм што сигнализира дека граѓани влегуваат или излегуваат од просторијата.
Убавка Јаневска