(видео) Народен Музеј Велес задоволен од посетеноста и очекува поголем број на посетители во Спомен куќите и Костурница
Во изминатите шест месеци вкупно 11 објекти под надлежност на Народен Музеј Велес ги посетиле 1.500 граѓани. За разлика од минатите две години, којшто поради пандемијата на корона вирусот, беа причина за затворање на деветте Спомен Куќи, Спомен Костурница и Народен Музеј Велес, оваа бројка на посетители не е мала, рече директорот на музејот Ангел Коруновски. Него го прашавме која возрасна група на граѓани доминира во вкупната бројка на посетители од месец јануари до крајот на јуни, годинава.
Спомен куќата на Коста Солев Рацин и понатаму ја привлекува најголемата заинтересираност на посетителите, независно дали станува збор за ученици или возрасни. Засега со само еден вработен кустос, на музејот, и не му е така едноставно да прифати и реализира посети на граѓани и ученици. Но, интересот на граѓаните и особено на училиштата за посети на значајните културно историски споменици, како што се спомен куќите или Костурница, потребно е да бидат почести, затоа што учениците можат при посетите на лице место да видат многу поставки од значајното културно историско минато на Велес и околината.
Инаку, Народен музеј Велес располага со значајни спомен куќи на велешани како што се спомен куќата на Коста Солев – Рацин, спомен куќа на Васил Главинов, Спомен костурница на паднатите борци од Велес и Велешко во НОБ и Меморијалниот музејски комплекс во село Горно Врановци. Исто така, дадени на управување од Општина Велес се и Ликовниот салон, Куќата на Касапови и Куќата на Јордан Хаџи Константинов Џинот, како и спомен собата на Петре Поп Арсов и спомен собата на поетот и револуционер Коле Неделковски во село Војница иако тие се во надлежност на Општина Чашка. Сепак поставките се подготвени од Народен музеј Велес.
Влезници за деца чинат само 10 денари додека за возрасни 20 денари. Народен музеј Велес практикува при одбележување на значајни јубилеи како и Ден на музеите влезот да биде бесплатен.
Стефани Манева