(видео) „Зборот од мугрите – аманет што не згаснува“ – Од 7 до 17 јуни 62. Рацинови средби во Велес

Објавено на 4 јуни, 2025 во 16:07

Од 7 до 17 јуни годинава, Велес ќе биде домаќин на 62. издание на Рациновите средби, под слоганот „Зборот од мугрите – аманет што не згаснува“. На денешната прес-конференција во Општина Велес беше претставена официјалната програма на манифестацијата, која и оваа година нуди богат културен, уметнички и спортски репертоар. Добитниците на Рациновото признание и Почесното Рациново признание за 2025 година сè уште не се избрани и ќе бидат дополнително објавени откако жирито ќе ја донесе конечната одлука.

Градоначалникот на Велес, Марко Колев,воедно и претседател на организацискиот одбор ги покани сите велешани и љубители на литературата да бидат дел од настаните, потенцирајќи дека оваа година Општина Велес целосно самостојно ја организира манифестацијата.

Програмата започнува во сабота, 7 јуни, со хуманитарна крводарителска акција, а следниот ден, во недела, ќе се одржи традиционалната атлетска трка „Трчаме за Рацин“, организирана од АК „Борец“ со финансиска поддршка од Општина Велес. За оваа активност се издвоени дополнителни 400 илјади денари.

Поетските читања, домашни и меѓународни, ќе се одржат на различни локации во градот. Посебно внимание ќе привлече Меѓународната научна конференција на тема „Рациновите одблесоци врз современиот македонски јазик и книжевност“, организирана од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Ќе биде промовирано и тротомното издание „Кочо Рацин“, дело на тројца еминентни професори. Свеченото отворање ќе се одржи на 12 јуни во 20 часот во НУ Театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, а истиот ден во фоајето ќе биде отворена изложба на скулпторот Ангел Коруновски. Во чест на Рацин, традиционално ќе се засадат млади дрвца во паркот на гимназијата која го носи неговото име.

Во чест на Рацин ќе бидат оддадени почести и на 13 јуни на планината Лопушник, каде загинал во 1943 година. Таму ќе пристигнат и учесниците на ултрамаратонот Велес–Лопушник, кој започнува на 10 јуни. На 14 јуни ќе се одржи Меѓународниот поетски митинг по повод доделувањето на Почесното Рациново признание за 2025 година, по што ќе следи концерт на Васил Хаџиманов Бенд во амфитеатарот на Младинскиот парк. Манифестацијата ќе заврши на 17 јуни со театарската претстава „Рацин“.

Проф. д-р Кристина Николовска, членка на организацискиот одбор, нагласи дека Рациновите средби се мултикултурна и мултидимензионална манифестација, со посебен фокус на поезијата, која ја слави оставнината на Коста Солев Рацин – симболот на македонскиот литературен дух.

Овогодишниот буџет на манифестацијата изнесува 1,2 милиони денари, од кои поголемиот дел ги обезбеди Општина Велес, додека Министерството за култура и туризам даде дополнителна поддршка.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.