Викендов за помалку од 24 часа пријавени два пожари во Велешко, причинета голема материјална штета

За помалку од едно деноноќие, на територијата на Велешкиот регион, викендов, биле пријавени два одделни пожари, кои поминале без повредени лица, но предизвикале значителна материјална штета.
Првиот пожар бил пријавен на 10 мај, годинава, во 10:30 часот, кога Територијалната противпожарна единица Велес добила дојава за запалена викенд куќа во близина на селото Капиново, општина Чашка. На лице место интервенирале двајца пожарникари со едно противпожарно возило, кои кога пристигнале на лице место го затекнале објектот во развиена фаза на горење.
Пожарот бил изгаснат околу 13:00 часот, а според информациите од Секторот за внатрешни работи Велес, викенд куќата е во сопственост на 32-годишниот Д.Ј. од Скопје. Повредени лица нема, а причините за избувнување на огнот се предмет на истрага. Увид на местото извршила увидна екипа од СВР Велес, и се преземаат понатамошни мерки за расчистување на случајот.
Од ТППЕ Велес ифнормираат дека неколку часа подоцна, поточно на 11 мај, пет минути по полноќ, избувнал уште еден пожар, во населбата Речани. ТППЕ Велес повторно интервенирале овој пат со четворица пожарникари и едно возило.
-По пристигнување на лице место констатирано е дека гори спрат од куќа и пристапено е кон негово гасење. Причинета е материјална штета, додаваат од ТППЕ Велес.
Во СВР Велес 50 минути подоцна, поточно во 00:55 часот, било пријавено дека избувнал пожар во куќа во сопственост на 45 годишниот велешанец М.С. Оттаму додаваат дека увид на местото извршила увидна екипа од СВР Велес.
Надлежните апелираат до граѓаните за внимателност и одговорно однесување, особено во периоди со високи температури и зголемен ризик од пожари.
Стефани Манева
