Вики клуб Велес со едукативен уредувачки маратон – „Растенијата околу нас: Велес“
Објавено: 17 март, 2026, во 14:09 часот
Здружение на граѓани Викимедија МК одржа денеска уредувачки маратон посветен на темата „Растенијата околу нас: Велес“. Настанот претставуваше спој на практична настава, теренско истражување и дигитална едукација, со цел да се поттикне интересот кај младите за природните науки, но и за создавање слободна и достапна содржина на интернет.
Во рамки на маратонот беше организирана едукативна работилница во природа, во која учествуваа ученици од Гимназија „Кочо Рацин“ – Велес. Под менторство на професорката по биологија Елизабета Николовска, учениците имаа можност директно да ја истражуваат флората во својата непосредна околина. Преку набљудување и практична работа, тие ги проучуваа тревестите растенија, разновидните цветови и специфичните карактеристики на локалната вегетација.

Посебен акцент беше ставен на препознавање на формите на листовите, структурата на цветовите и начините на размножување на различни растителни видови. Учениците учеа за иглолисните дрвја и нивниот специфичен начин на размножување, како и за ширењето на бршленот како типичен претставник на ползечките растенија. Ваквиот пристап им овозможи знаењата од наставата да ги поврзат со реални примери од природата, што значително го зголеми нивниот интерес и активност.

-Дополнително, учениците имаа можност да разгледаат веќе изработен хербариум, при што се запознаа со начинот на собирање, сушење и чување на растителни примероци. Инспирирани од тоа, тие започнаа со создавање на сопствен хербариум, користејќи билки собрани за време на теренската работа. Овој процес не само што ја развива нивната научна љубопитност, туку придонесува и за развој на истражувачки вештини, внимателност и одговорност кон природата, рече Лила Арсова образовен координатор на Вики клуб Велес.

По завршувањето на теренскиот дел, учесниците активно се вклучија во уредувачкиот маратон, каде што стекнатите знаења ги преточија во нови или подобрени статии. Со тоа, тие дадоа свој придонес кон збогатување на содржините поврзани со локалната флора, правејќи ги достапни за пошироката јавност.
Настанот, организиран од Вики клуб Велес и образовниот координатор Лила Арсова, уште еднаш ја потврди важноста на ваквите иницијативи кои ја поврзуваат образовната практика со современите дигитални алатки. Вики клуб Велес продолжува да биде пример за успешно вклучување на младите во креативни и едукативни процеси, поттикнувајќи ги да бидат активни создавачи на знаење и чувари на природното богатство во својата средина.
Убавка Јаневска


