Во просек, дневно, по 15 метри кубни габаритен отпад се собира во Велес
Во акцијата којашто ја спроведува Јавно комунално претпријатие „Дервен“ за собирање на габаритен отпад досега биле пријавени околу шеесет локации низ Велес. Во изминатите две недели голем број на граѓани ги пријавувале локациите од своите домаќинства додека вработените од комуналното претпријатие во текот на наредните две недели ќе го собираат габаритниот отпад.
Од Сектор за Комунална хигиена при ЈКП „Дервен“ за Дума.мк соопштија дека акцијата е трет ден во тек и тече во најдобар ред. Вчера, на 16 август, со пет трактори биле собрани 15 кубика отпад.
-Акцијата за собирање на габаритен отпад започна на 15 август, понеделник и ќе трае до 19 август, петок. Во текот на наредните две недели, поточно, до 27 август ќе бидат поминати сите локации кадешто е пријавен габаритен отпад. Заинтересираноста е голема, до сега се пријавени над 60 локации. Можеме да кажеме дека во текот на еден ден се собираат од 10 до 15 кубика габаритен отпад. Оваа услуга е бесплатна за граѓаните, соопштија од Сектор за Комунална хигиена.
Сите граѓани коишто имаат габаритен отпад може да го пријават секој работен ден од 07:00 до 15:00 часот на телефонските броеви: 071/229-986, 075/343-751, 043/233-768.
Инаку во габаритен отпад спаѓа мебел, делови од мебел, душеци, прозорски заштитни решетки, кујнски елементи. Потоа од санитарии како што се кади, туш кабини, корита, завеси, мијалници, тоалет шољи, славини за вода, огледала. Градинарска опрема поточно огради, врати, градинарски алат и машини, садови за цвеќе, клупи. И друг габаритен отпад односно ролетни,тенди, врати, прозори, прозорски рамки, велосипеди, радијатори, тапети, играчки и детски колички, како и дрвена амбалажа.
Се замолуваат граѓаните габаритниот отпад да не го изнесуваат на јавни површини и да не го оставаат до контејнерите за отпад без претходно да договорат термин за собирање на истиот.
Дополнителна акција за собирање на габаритен отпад ќе биде спроведена и следниот месец, поточно од 26 до 30 септември.
Стефани Манева