Во Велес се вакцинираат млади лица од 16 до 18 години, 79 пријавени преку мој термин
Игор Ташевски е 17 годишно момче кое денеска на пунктот за вакцинација во ЈЗУ Здравен Дом Велес, ја прими првата доза од вакцината „Фајзер“ против ковид-19. Тој одлучил да се вакцинира со цел да се заштити себеси, своето семејство но и да придонесе за колективното здравје. Тој откако ја прими вкацината се чуствува добро.
-Со примената вакцина многу полесно можам да патувам и да посетувам повеќе држави. Според мене сметам дека сите млади но и децата потребно е да се вакцинираат, да се заштитат себеси но и луѓето околу нив, рече Ташевски.
Денеска во оваа здравствена установа за примање на прва доза од вакцината „Фајзер“ термини имаат 46 пријавени млади лица на возраст од 16 до 17 години. Тие се дел од вкупно пријавените 79 лица кои аплицирале на вакцинација.мк.
Покрај нив на двата вакцинални пункта во Здравен Дом, доаѓаа и возрасни граѓани коишто треба да примат прва и втора доза од вакцините „Синовак“ и „АстраЗенека“ и тоа создаде конфузија. Повозрасните лица не можеа да чекаат да поминат термините на младите и коментираа дека можеби тие треба да се вакцинираат во Здравен дом додека вакцинацијата за младите да биде на масовниот пункт за вакцинација којшто се наоѓа во салата на велешкото училиште „Коле Неделковски“.
И покрај овие коментари тие сепак ја поздравија одлуката на младите граѓани којшто одлучиле да се вакцинираат против ковид-19, бидејќи на тој начин придонесуваат за јавното здравје.
Стефани Манева