Воздухот во Велес денеска опасен за дишење
Единствената државна мерна станица за квалитет на воздух во Велес претпладнево измери за 12 пати повисоки концентрации на ПМ 10 честички присутни во велешкиот воздух. Тоа значи дека градот се гуши во загадување. Податоците се од мерна станица Велес 2, на локација во двор на детска градинка во населба Тунел. Според светска задравстена организација, дозволената граница на ПМ10 честички во текот на 24 часа изнесува 50 микрограми/м3 воздух.
Дума.мк се обиде да стапи во контакт со Министерството за заштита на животна средина за да добие одговор на прашањето „На што се должи вака високата концентрација на опасните честички по здравјето на граѓаните?“
Исто така, Дума.мк испрати мејл и до Општина Велес од каде побара одговор на прашањето “Во услови кога локалната власт работи без инспектор за заштита на животна средина, дали истоименото одделение го регистрираше еколошкиот инцидент и дали побара одговор од Министерството на што се должи енормно високата концентрација на ПМ 10 честичките во воздухот во Велес?“.
Одговорите ќе ги објавиме штом стигнат до Дума.мк.
Инаку, ПМ 10 честичките се опасни по здравјето на граѓаните бидејќи при вдишување тие се лепат на респираторните патишта и стигнуваат до белите дробови, особено по крупните. Според лекарите , дишењето на загаден воздухот може да предизвика мозочен урад, срцеви заболувања, рак на бели дробови и други болести. Овие болести, кои се последица од аерозагадувањето, се водечка причина за смрт на подрачјето на Македонија во зимскиот период. Според извршени испитувања во државата само од аеро загадување има до 1200 смртни случаи на годишно ниво.
Убавка Јаневска