Заплака првото бебе во 2023 година во Велес, син е на Хатие Беќири
Утрово, во 7:50 часот, на Гинеколошко Акушерското одделение во Општа болница Велес се слушна првиот плач на штотуку родено бебе. Тогаш заплака синот на дваесет годишната Хатие Беќири од Горно Јаболчиште. Бебето е трето дете во семесјтвото на дваесет и шест годишниот Фатир и шест години помладата Хатие Беќири, кое инаку живее во село Бањица. Хатие е мајка и на три годишниот Адријан и на една година помалата ќерка Анеса. Гордите родители немаат одлучено како ќе се вика нивниот штотуку роден син.
-Кога ќе се вратам дома ќе одлучиме кое име ќе му го дадеме, рече мајката Хатие.
Меѓу првите кои и го честиташе родениот син на Хатие беше Градоначалникот на Велес, Марко Колев. Тој ја посети родилката на која и предаде чек во вредност од 15.000 денари, детска играчка како и ќеса со други подароци.
-Денеска имаме убава вест. Се роди здраво машко дете. На лекарите и на медицинскиот персонал им честитам за првото породување во 2023 година откако на новороденчето му посакав да биде здраво и живо. Мајката е во добра здравствена состојба. Посакувам што е можно повеќе дечиња да се раѓаат во нашата болница се со цел наталитетот да оди во позитива. Сакам да информирам и за следново. Согласно програмите кои ги усвои Советот на општина Велес, за прв пат од годинава, за секое новороденче што ќе се роди на територијата на општината, поточно во Болница Велес, ќе биде исплаќана еднократна парична помош во висина од 3.000 денари. Поточно, по средувањето на документите и нивното поднесување, исплатата ќе се врши на сметката на родителот, додаде Колев.
Во изјавата за медиумите, началникот на Гинеколошко Акушерското одделение др Ѓорѓи Николов, соопшти дека станува збор за нормално и здраво породување.
-Бебето на свет дојде во спонтано раѓање на третородка. Новороденчето тешко е 3 килограми и 900 грама и долго 56 сантиметри.Бебето и неговата мајката се во одлична здравствена состојба, рече др Николов.
Според специјалистот по педијатрија др Никола Ќулафковски, кој исто така присуствувал на породувањето на првото новороденче во 2023 година, бебето е отценето со највисоки педијатриски оценки.
-Имавме нормално породување во кое бебето веднаш заплака и има висока апгард оценка со која всушност го оценуваме во првата и во петтата минута штом се роди. Првото новороденче за годинава доби висока педијатриска оценка од 9,9. Тоа значи дека се оценети тонус на мускули, тон на кожа, срцева акција и дишење. Кај ова бебе се беше максимално добро по породувањето, додаде Ќулафковски.
Здравствените работници, денеска дежурни на ова одделение во болницата, додадоа дека во моментот нема други бремени пациентки кои чекаат за порадување иако нивна новогодишна желба е да имаат што повеќе раѓања на здрави машки и женски бебиња во Велес и соседните општини.
Убавка Јаневска