Започна запишувањето на ученици во средните училишта

Првото електронско пријавување, во јунскиот рок, за запишување ученици во прва година во државните средни училишта во државава за учебната 2025/2026 година започна денеска. Рокот завршува на 17 јуни на полноќ.
Четирите средни училишта во Велес, „Гимназија Кочо Рацин“, хемиското „Димитрија Чуповски“, економското „Јовче Тесличков“ и машинско техничкото „Коле Неделковски“ ги очекуваат пријавите на деветооделенците. Освен од Велес се очекува упис на ученици и од соседните општини како и од Вардарски регион.
Учениците се пријавуваат електронски , преку линк до системот за електронски услуги на Министерството за образование и наука https://e-uslugi.mon.gov.mk/ со посебна најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на schools.mk.
По електронското пријавување, ученците на 18 јуни (од 8 до 19 часот) и на 19 јуни (од 8 до 17 часот) треба да ја достават потребната документација во училиштата.
Конечната ранг-листа со резултатите од запишувањето и слободните места, секое училиште ќе ја објави на 20 јуни 2025, најдоцна до 12 часот, на јавно место во училиштето и/или на училишната интернет-страница.
Второто електронско пријавување на учениците за упис во средните училишта во јунскиот рок ќе биде на 30 јуни 2025, од полноќ часот до 23:59 часот, а потребната документација до училиштата ќе се доставува на 1 јули 2025, од 10 до 19 часот. Наредниот ден, 2 јули, ќе биде објавена и конечната Ранг-листа со резултатите од запишувањето и слободните места. Во второто пријавување во јуни, квалификациско тестирање ќе се организира на 4 јули 2025 година.
Електронското пријавување во августовскиот уписен рок ќе се врши на 21 август 2025 година, од полноќ до 15 часот, за што веднаш ќе биде потребно и поднесувањето на документација до училиштата, а наредниот ден, 22 август 2025 година, училиштата ќе објават конечна Ранг-листа со резултати од запишувањето.
Сите потребни документите за запишување во државните средни училишта заедно со насоките за спроведување на уписите се објавени во конкурсот на Министерството за образование и наука.
Дума.мк
