ЗГ „Велешки акцијаши“ организираа еко акција и го исчистија дворот на ООУ „Блаже Конески“

Петнаесет акцијаши од граѓанското здружение „Велешки акцијаши“, четворица од акцијашкото здружение од Скопје, сите вработени од ООУ „„Блаже Конески“ од Велес како и осум вработени од „Маркард“, денеска, го чистеа дворот на основното општинско училиште „Блаже Конески“ во Велес. Акцијата започна утрово, во 09:00 часот, и во рок од два часа се косеше трева во дворот, се чистеа делови од гранки, се отстрануваа дрва и се собираше сметот околу училиштето.


Мотото на акцијата гласи „Чисто училиште, мое омилено место за учење“. Тимот на училиштето вели дека преку оваа акција сака да им покаже и докаже на учениците дека сите заедно треба да се грижат за чиста животна средина, чисто училиште како и среќни ученици, бидејќи само безгрижни деца можат да се концентрираат и постигнуваат лични и училишни резултати.


Здружението „Велешки акцијаши“ има потпишано меморандум со училиштето „Блаже Конески“ и цели кон долгогодишна успешна соработка. Од велешкото акцијашко здружение посебно се заблагодаруваат на сите граѓани коишто доброволно учествуваа во акцијата.
Стефани Манева
