Шиповиќ: Не сум виновен, обвинението е безпредметно
Објавено: 27 февруари, 2014, во 14:36 часот
Шиповиќ го отфрли обвинувањето и тврдеше дека не сторил никакво кривично дело на денешното судење во Основниот Суд 1 во Скопје, jави Нова ТВ.
– Ниту сум направил штета од 17 милиони денари, ниту сум прибавил корист од 64 милиони денари. Обвинението против мене е беспредметно, нема никаква штета, нема ниту корист, рече Шиповиќ на денешното судење, како провобвинет во случајот „Претседавач.“
Тој објасни дека ѝ обезбедиле наплата на државата од 400.000 евра од „Машинопромет“ на сметка на УЈП, долг кој бил направен пред 2008 година, а се плаќа даночен долг секој месец по 300.000 денари.
-Оние што го направија долгот пред 2008 година не им фали влакно, рече во својата одбрана Шиповиќ.
Шиповиќ се товари за злоупотреба на службената положба и овластување во времето кога бил претседател на Управен одбор на „Машинопромет“, во периодот од 2008 до 2011 година. Покрај него, во случајот се товарат уште десет лица – членови на Управниот одбор на АД „Машинопромет“, како и лица вработени во УЈП.
– Ние сме цврсто убедени во неговата невиност и знаеме дека тоа ќе се докаже во текот на судскиот процес, Целиот случај против Шиповиќ и соработниците е уште еден дел од систематското газење на јавно изразената волја на граѓаните на Центар на локалните избори, кои му кажаа гласно НЕ на ВМРО-ДПМНЕ и проектот Скопје 2014, изјави Дамјан Манчевски, потпретседателот на СДСМ пред почетокот на судењето.
Според обвинението членовите на Управниот одбор на АД „Машинопромет“ злоупотребувајќи ја службената положба во два наврати ја намалувал вредноста на стоката во резерва, при што направиле финансиски криминал тежок милион евра.
