Атлетичарот Димитриевски прв на „Треил трката за вино и љубов“ во Долни Дисан
Со рекордно време од 34 минути на осум километри долга стаза велешкиот атлетичар го освои првото место на втората „Треил трка за вино и љубов 2024“ што се одржа во селото Дони Дисан кај Неготино. Помеѓу 170 учесници велешанецот Роберто Димитриевски успеал прв да пристигне до целта иако според него трката била напорна бидејќи стазата била со 4 километри угорница и 4 километри удолница.
-Премногу сум горд. Искрено знаев дека ова ќе биде напорна трка но долго време се подготвував, редовно тренирам и бев одлично сремен. Очекував дека ќе го добијам првото место и тоа беше мојата цел. Не застанувам овде, продолжувам и понатаму. Следна трка ми е сега во март во Кавадарци а потоа во април одам на трка и надвор од границите на нашата татковина, поточно во Белград Србија, додаде Димитриевски за Дума.мк
Седум минути подоцна од Димитриевски, поточно со 41 минута втор целта ја помина велешанецот Игор Неделковски од АК „Борец“, додека третото место со 46 минути го освои Славчо Бакулески од Охрид. Кај жените првото место го освои Фросина Михајловска од Куманово со време од 49 минути, втора целта ја помина Каролина Милчинска од Скопје со време од 49 минути, а третото место го освои Ангела Величкова од Кочани со време од 52 минути. Беа доделени и награди во категорија над 50 и над 55 години во женска и машка категорија како и во категорија на семјства учесници на трката.
Сунчица Арсовска главниот иницијатор и организатор на трката, сподели дека веќе втора година ги поддржува и Општина Неготино и градоначалникот Горан Стојанов кои во „Треил трката за љубов и вино“ препознале можност за пошироко запознавање на јавноста со вредностите што ги нуди дисанскиот крај.
– Има се’ поголем интерес за оваа трка на која лани имаше само 70 тина, а годинава повеќе од двојно, дури 170-тина учесници. Исто така оваа трка е можност за приближување на учесниците кон природата и запознавање со убавините на овој крај полн со лозови насади и бројни семејни винарии, а кои беа вклучени како спонзори во трката, како и производители на мед , воедно и фурни и пицерии. Со оваа трка која е прва на трки во земјава во календарот за оваа 2024 година, беше одбележан и празникот на лозарите и винарите Свети Трифун кој е заштитник на овој регион. Нашата цел како организатори и вљубеници во трачањето во природа е да поттикнеме во трката да учествуваат и цели семејства ,а посебно семејства со деца. Со тоа ќе придонесат кај нив од најмали нозе да ја развиваат љубовта кон трчањето, спортот и природата, додаде Арсовска.
Исто така, во организацијата беа вклучи и планинарсото друштво Фри Хајкерс.
Оваа година имаше и учесници кои со своите домашни миленичиња кучиња заедно ја истрчаа напорната трка низ природа долга осум километри.
По трката и прогласувањето на победниците во центарот на Долни Дисан , беше организирана и заедничка дружба на учесниците со музика.
Стефани Манева