Атлетичарот Роберто Димитриевски годината ја заврши со третото место на „Дедомразовска трка 2024“ во Скопје
Познатиот атлетичар Роберто Димитриевски член на АК „ВЕЛЕС“ од Велес изминатата недела учествуваше на традиционалната забавна „Дедомразовска атлетска трка“ во Скопје, во конкуренција со над илјада атлетичари и рекреативци од земјава и во задолжителен дедомразовски костум. Димитриевски го освои третото место и го освои бронзениот медал.
Како во изјавата од бината на манифестацијата, во својство на Дедо Мраз, така и на сите читатели на Дума.мк, Димитриевски, им посака здравје, среќа и успеси во Новата 2025 година. Честитката е упатена и до сограѓаните.
-Им порачувам на сите да спортуваат, барем рекреативно доколку сакаат да бидат здрави. „Во здраво тело, здрав дух“. Здравјето е најважно и затоа мора да редовно да се спортува, порача Димитриевски.
Тој во новата 2025 година најавува учество на голем број домашни и меѓународни атлетски трки како и очекува одлични резултати. Но затоа потоа.
Димитриевски секојдневно и на дожд и на ниски температури напорно се подготвува на бехатон патеката во Градскиот парк. Тој уште еднаш посака, во новата година, конечно да се обнови руираната атлетска патека на Градски стадион „Зоран Паунов како и по примерот на големите градови така и Велес да добие патека во затворена сала. Овој атлетичар за сопствените постигнати успеси, во минатата година, не сакаше многу да зборува
-Другите треба да те фалат, а не самиот себе си. Сметам дека најголема награда секако е пофалбата и поддршката што ја имам од граѓаните посебно од децата. Најмногу ме радува кога децата ќе дојдат да се сликаат со мене и ми велат дека сум им идол. Ние спортистите треба да бидеме нивен пример, потенцира Димитриевски.
Воедно на прашањето на Дума.мк дали влезе во конкуренција на спортската манифестација за избор на „Спортист на Велес за 2024“, Димитриевски кусо одговори дека неговиот матичен клуб АК „ВЕЛЕС “ го пријавил и не сакаше да го коментира изборот на организаторот на манифестацијата.
-За мене признание претставува подадената рака од моите сограѓани. Секаде каде што учествувам на атлетските трки, дома и во странство, многу ми значат поддршката, бодрењето и пофалбата на луѓето независно дали се организатори или обични граѓани. Сметам дека тоа е најголемо признание за секој спортист, потенцира Димитриевски.
Убавка Јаневска