Нерешен резултат на дерби фудбалскиот натпревар во Превалец

Дерби натпреварот од седмото коло на третата фудбалска лига југ ги оправда очекувањата. Играчите на обете екипи, ФК „Превалец“ и ФК „Питу Гули“ од Крушево одиграа одличен натпревар и конечен резултат од 1:1.
Почетокот им припадна на домашните кои создадоа неколку стопостотни шанси,но промашуваа.Казната стигна во 25 минута кога гостите изведоа одличен против напад со неколку точни проигрувања. Велевски изби сам пред голот на фудбалерите на „Превалец“ и не му беше тешко да постигне гол. До крајот на првото полувреме домашните повторно напаѓаа но одбрана на крушевчани беше секогаш на место.

Во второто полувреме фудбалрите на „Превалец“ повторно ја имаа иницијативата и шанси , но за разлика од првото полувреме играчите на „Питу Гули“ беа поорганизирани во нападот и во неколку наврати можеа да го зголемат водството. Во 77 минута домашните постигнаа гол но беше оправдано поништен поради офсајд. Три минути подоцна беше досуден пенал за домашните по една невнимателна интервенција на потесната одбрана на „Питу Гули“.Чоков беше прецизен и израмни на 1:1.
Во 85 минута публиката проследи како еден мирен,фер и коректен натпревар можеше да прерасне во инцидент. По еден невнимателен преостар старт, прв од ваков вид на натпреварот, од страна на гостински играч, се создаде мешаница која потраја неколку минути. Најдебелиот крај го извлече домашниот играч Велковски кој доби црвен картон а иницијаторот помина без опомена што наиде на негодување кај публиката.
На крај нерешениот исход е и најреален епилог на натпреварот.
Лазар Лазаровски
