По 4-ти пат „Ехо патува во Велес“ со проекција на планински филмови (фото)
Афирмација на спорт на планина, поврзување на луѓето со планините, освен уживање во природните убавини и нивна заштита како и заштита на животната средина се мисија којашто ја застапуваат голем број на граѓани кои членуваат во планинарските и велосипедските здруженија во Македонија. Меѓу нив е и „Велес бајкинг“.
Според Зоран Јаневски, претседател на ЗГ„Велес бајкинг“ и учесник во четиричлената експедиција на планинскиот масив „Монте Роса“ на италијанско – швајцарската граница практикувањето на мисијата и вистинските вредности се мотив за реализација на повеќе видови на активности меѓу кои е и патувачкиот караван на „ЕХО“ – Фестивал на планински филм.
-Овој фестивал се одржува веќе 15 години и е рангиран во самиот светски врв на фестивали од ваков тип. Во овогодинешната програма по четврти пат „Ехо“ допатува во Велес каде своја презентација имаше еден од организаторите, Игор Талевски, а потоа со мини презентација се преставија Велешкиот Алпинистички клуб „Велестин“ и „4-члената Велешка планинарска експедиција“. Алпинистичкиот клуб „Велестин“ во своја презентација ги раскажаа доживувањата од искачувањата на неколку врва меѓу кои искачување на врв Pollux (4092 m) каде е поставена статуата статуата “Madonna di Bruges”. Искачувањето било преку изохипса под врвот Breithorn (4160 m) додека „4-члената планинарска експедиција од Велес“ преку презентација го прикажаа своето патување во август оваа година, кога за седум дена искачија неколку врвови како што се Триглав со 2864мнв на Јулиските Алпи, врв Toffana di Roses со 3,225 m на Италијанските Доломити, како и врвовите Ludwigshöhe со 4,341 m и Signalkuppe (Punta Gnifetti) со 4,554 на планинскиот масив Монте Роса на Италијанско-Швајцарската граница, додаде Јаневски.
На настанот „Ехо патува во Велес“ продолжи со прикажување на избор на филмови од 15-то издание на фестивалот кога присутните имаа можност да ги проследат проекциите на филмовите во првиот блок „Тивок сведок“, Димитар Тодоровски, Македонија, 2024, 5′ и „Патување на животот“, Жером Танон, Франција, 2024, 44′ додека во вториот блок следеше прикажувањето на филмовите „Тивкото бегство“, Освалд Родриго Переира, Полска, 29′, „Горе на врвот“, Џовани Гроси, Италија, 2024, 18′ и „Експедицијата на Етвеш“, Бенце Катаи, Унгарија, 2024, 26′.
Фестивалскиот караван го посетија околу 50 Велешани, вљубеници во планината кои присуствуваа во Јуроп Хаус Велес.
Убавка Јаневска