Помошното фудбалско игралиште, за една година, нов стадион во Велес

Подигнување за 40 сантиметри и постаување на нова подлога на теренот, сеење на природна трева, дренажен систем, монтажа на автоматски систем за полевање, служба за одржување и чување ќе добие помошното фудбалско игралиште во Градски парк во Велес. Освен теренот ќе се реконструира и оградниот ѕид. Ќе се изгради билетарница. На местото на постоечките трибини ќе бидат поставени нови, покриени, со капацитет од 1125 столчиња додека постоечката конструкција ќе се репарира и пресели на спротивната страна.
Оваа донација денеска во Велес ја најави потпретседател на Фудбалската Федерација на Македонија Лазар Ракиџиев
-Се надевам дека со помош на општината ќе изнајде решение да поставиме урбана опрема поточно соблекувална која ќе ги задоволува стандардите за да може на овој терен да се играат прволигашки натпревари. Се надевам дека и љубителите на спортот ќе бидат презадоволни. Ќе можат да ги следат фудбалските натпревари на „Борец“ кој се надевам дека ќе продолжи да се натпреварува во првата лига, додаде Ракиџиев.

Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, соопшти дека инвестицијата ќе изнесува 400.000 евра. Таа преку ФФМ доаѓа од УЕФА.
-ФФМ ги исполнува ветувањата. Со помош на општината во делот на подготовката на целокупната документација помошното фудбалско игралиште ќе прерасне во стадион во рок од една година. Фирмата што го доби тендерот за реконструкција е велешка, „Делта пром“. Да нагласам дека Велес и ФК “Борец“ го заслужуваат сето ова, додаде Сејдини
Градоначалникот Аце Коцевски соопшти дека проектната документација за реконструкција на помошното фудбалско игралиште ја изработи Општина Велес. Таа чини 200.000 денари.
– Ова е значајна работа за нас затоа што Велес е познат како фудбалски град. Се надевам дека во значителна мера ќе ги подобриме условите за тренирање почнувајќи од најмладите генерации па до одигрување на врвни натпревари. Се надевам дека на овој терен ќе ни гостува и фудбалската репрезентација на некои подготовки. Исто така се надевам дека од овој тревнат терен ќе произлезат млади таленти и ќе играат за „Борец“ и во другите клубови“, додаде Коцевски.

Ракиџиев, Сејдини и Коцевски беа истомисленици во делот на резултатите што се очекуваат од реконструкцијата на игралиштето и неговиот нов лик на стадион. Од една страна значително да се мотивираат младите во Велес да спортуваат и од друга страна велешките надежни таленти да станат првотимци како на ФК„Борец“ така и на македонската репрезентација. Сите посакаа велешани да бидат гледачи и на натпревари на македонската фудбалска репрезентација.
Лазар Лазаревски
