Македонија изгуби од Исланд
Во петтиот настап на 11.Европско првенство во ракомет, репрезентацијата на Македонија поладнево го доживеа третиот пораз, загуби од Исланд со 29:27. По овој исход Македонија ги загуби шансите за висок пласман и повторување на петтото место од претходното ЕП, јави Плус инфо.
Македонските ракометари одлично го започнаа овој дуел и поведоа со 4:0, потоа и 7:4 во 17.минута и тука како да застанаа. Противникот направи серија од 7:1, за на крајот од првото полувреме да примат гол со играч помалку и да имаат негатива од три голови – 11:14.
За само три минути во вториот дел нашите ракометари ја анулираа предноста на Исланѓаните. Следуваше петнаесетминутен период на игра гол-за-гол за Исланд со серија од 3:0 да поведе со 25:21 во 49. минута. Избраниците на селекторот Ивица Обрван во два наврата успеаја да се доближат на само гол негатива 26:27 во 55.минута и 27:28 во последната минута, но за целосен пресврт немаше веќе време.
Кирил Лазаров со 7 погодоци беше најефикасен во македонскиот состав, Дејан Манасков и Гоце Георгиевски имаа по пет реализации.
Другите две средби од 2. коло во групата 1 се играат вечерва. Од 18 часот и 15 минути Австрија за противник ја има Шпанија, а од 20 часот и 30 минути домаќинот Данска се среќава со Унгарија.
Табела: Данска 6 бодови, Исланд 5, Шпанија 4, Унгарија 3, Македонија 2, Австрија 0.
