Судија прогласил крај, па се предомислил и ги враќал играчите на ГОК „Борец“ на терен, кои под закани, вчера вечер, изгубија од ГОК „Лирија“ во Тетово
Несекојдневен настан се случи, вчера вечер, во Тетово на натпреварот од четвртото коло на првата одбојкарска лига помеѓу „Лирија“ и „Борец”. Откако ГОК„Борец“ го доби четвртиот сет и судијата свирна со свирчето за победа на Борец со 3:1 исто така тој по неколку минути ги вратил велешките одбојкари од соблекувална и им соопштил дека ја менува последната одлука. Судијата тогаш им соопштил на одбојкарите на велешки „Борец“ дека досудува мртва топка наместо поен за велешките одбојкари.
По продолжениот натпревар, сетот завршил со победа на домашните поточно 26:24 наместо со првичниот резултат 23:25. Така натпреварот добил и петти сет којшто го добила домашната екипа со резултат 15:11, во тајбрекот.
Крајниот резултат на натпреварот „Лирија“ и „Борец” е 3:2 или по сетови 25:23, 18:25, 18:25, 26:24 и 15:11.
Помошниот тренер на ГОК„ Борец“ Петре Жабев ,видно разочаран за Дума.мк изјави:
-Да не бев на натпреварот немаше да поверувам дека и ова може да се случи. Натпреварот заврши со наша регуларна победа. Судијата веројатно под закани направи преседан незапамтен во одбојката. Поднесовме жалба и баравме да се прегледа снимката од натпреварот. Да видиме што ќе одлучи натпреварувачката комисија. Вакво нешто во спортот не сум ни помислил дека може да се случи, додаде Жабев.
Што се однесува за спорниот момент, прекинот на натпреварот помеѓу ГОК „Лирија“ и ГОК „Борец“ траел триесетина минути кога играчите и стручниот штаб на велешкиот клуб биле подложени на закани и стравувале за безбедноста на своите животи.
Лазар Лазаревски