СВР Велес најостро ќе санкционира инциденти на неделниот бараж натпревар во Кавадарци помеѓу ФК Вардар и ФК Скопје
Секторот за внатрешни работи Велес денеска им се обрати на љубителите на фудбалот кој што во недела на 21 мај ќе го следат натпреварот помеѓу двата клубови на Градски стадион во Кавадарци барајќи да се воздржат од насилство и непримерно однесување.
Во апелот пишува:
“Почитувани граѓани и љубители на фудбалот,
На 21мај 2023 со почеток во 17.00 часот на на Градскиот стадион во Кавадарци ќе се одигра бараж фудбалскиот натпревар за пополнување на Првата лига помеѓу екипите на ФК Вардар од Скопје и ФК Скопје од Скопје. МВР преку СВР Велес и ОВР Кавадарци деновиве ги преземаат сите неопходни мерки за обезбедување на јавниот ред и мир при одигрување на фудбалскиот натпревар и по одигрување на мечот.
Истовремено, упатуваме апел до сите оние кои ке бидат присутни на Градскиот стадион во Кавадарци за воздржаност од неспортско навивање, од користење на пиротехнички средства, неспортски транспаренти, користење на ласери, насилно однесување и фрлање на предмети на теренот, затоа што тоа ќе биде најостро санкционирано. Укажуваме дека само со фер, спортско и коректно навивање покажувате почит кон вашиот тим, почит кон противникот, почит кон фудбалот како спорт.
Поради најавеното присуство на голем број навивачи на фудбалските клубови и нивни подржувачи од земјата, за време на нивното движење ќе се преземаат мерки за физичко регулирање и пренасочување на сообраќајот, па оттаму упатуваме апел и до сите останати граѓани, учесници во сообракајот, да ги почитуваат правилата и прописите, да се однесуваат совесно и хумано, грижејќи се за сопствената и за безбедноста на останатите учесници во сообракајот, како и да ги паркираат возилата на дозволените паркинзи.
Портпарол на СВР Велес, Ристе Самарџиев“