Во Македонска Каменица „Баскет Кам“ – „Борец Баскет“ 61:74
Натпреварот кој беше од огромна важност за двата тима го добија велешките кошаркари со што на коло пред крај, на регуларниот дел од првенството, се најмалку трети. За да имаат можност во плеј офот да стартуваат од втората позиција, велешани во последното коло, потребно е на домашен терен да ја совладаат битолска „Хераклеа“ и истовремено во Штип, „Соколи 1933“ да загубат од екипата на „Црн Дрим“ од Струга.
Васко Бојчев еден од тренерите на „Борец Баскет“ за Дума.мк изјави:
– Влеговме во натпреварот мотивирано. Бодoвите подеднакво им беа потребни на двете екипи. Победата носи подобра позиција во плеј офот. Од самиот почеток на натпреварот направивме предност но редовно домашните притискаа и мораше сите играчи да дадат максимум за да стигнеме до победата. Честитки до сите за покажаното како и за желбата за победа. Според мене ова беше наш најдобар натпревар одигран сезонава. Ке биде интересно во плеј офот. Повеке екипи се изедначени и нијанси ќе ги одлучуваат победниците, рече Бојчев.
Лазар Лазаровски