Замрзнаа луѓе од студ во источна и југоисточна Европа
Објавено: 28 јануари, 2014, во 08:55 часот
Снежното невреме донесе проблеми и во одвивањето на сообраќајот. Во Романија од студ умреа двајца луѓе, затворени се повеќе училишта, додека поради опасностите од невремето објавена е „портокалова узбуна“ во 27 романски региони вклучувајки го и главниот град Букурешт.
Состојбата на југоистокот на Романија, каде завчера стапи на сила „црвена узбуна“ почна постепено да се подобрува додека многу патни правци се затворени за сообраќај.
Романската влада ја разгледува можноста од прогласување на узбуна во целата земја.
Во областа Шумен во североисточна Бугарија од смрзнување почина 72-годишен маж во селото Ружица. Телото на старецот, кој исчезна во неделата ноќта, беше пронајдено вчера и утврдено дека смртта настапила како последица на смрзнување. Уште еден маж почина како последица на студот во градот Силистра.
Снежните врнежи и поларните температури сериозно го погодија североизточниот дел на Бугарија каде патиштата и пругите беа затворени за сообраќај, јавуваат бугарските агенции.

Неколку села на северниот дел на брегот на Црно море останаа без вода и електрична енергија а неколку училишта во регионот Добриќ се привремено затворени. Вчера утро беа затворени аеродромите во Варна и Бургас.
Жртви на зимата има и во Полска каде изминатиот викенд од смрзнување починаа 11 луѓе.
Температурите, во ноќта помеѓу саботата и неделата, се спуштија и до 20 степени под нулата а жртвите, воглавно бездомници, им подлегнаа на последиците од студот во повеќе делови на Полска.
Снегот и мразот сериозно го отежнаа патниот сообраќај во земјата.
