Зголемен бројот на заболени и починати од Ковид-19, објави ИЈЗ
14.10.2020
Министерството за здравство соопшти дека согласно извештајот на Институтот за јавно здравје кој се однесува на периодот од 5 до 11 октомври, вкупно се тестирани 13.028 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2 или 32,5 отсто повеќе во однос на претходната недела.
Регистрирани сe 2.243 нови позитивни случаи од 33 града во државата, што претставува зголемување од 86,5 отсто во однос на претходната недела.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1155; 51,5 отсто), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Гевгелија – 215,1/100.000.
Процентот на позитивни случаи од тестирани во овој период изнесува 17,2 отсто или 5 отсто повеќе во однос на претходната недела.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст 30-39 (n=456, 20,3 отсто). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 (n=440; 19,6 отсто), 20-29 (n=414; 18,5 лотсто), над 60 (n=405; 18,1 отсто) и 50-59 (n=343; 15,3 отсто). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=53; 2,4 отсто) и 10-19 години (n=132; 5,9 отсто).
Од случаите кои се епидемиолошки истражени (n=1.347; 60,1 отсто), регистрирани се 94 (7,1 отсто) хоспитализирани, а кај 319 (23,7 отсто) лица е регистрирано присуство на коморбидитети. Од вкупниот број на нови случаи, 513 (38,1 отсто) имале контакт со потврден случај. Регистрирани се 22 (1,6 отсто) лица со историја на патување (во последни 14 дена).
По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 815 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 29 повеќе споредено со претходната недела.
Пријавени се 31 смртен случај од 15 градови, за еден повеќе од претходната недела. Во однос на возраста, 26 лица биле над 60 години, а 4 лица на возраст од 50-59 години. Само едно лице е од возрасната група 40-49 години. Коморбидитети се регистрирани кај 24 починати лица.
Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за Состојбата со Ковид-19 за периодот од 5-11.10.2020г., како и Кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија е објавен на веб страницата на Институтот за јавно здравје http://iph.mk/.