Помина првиот полициски час, казни за оние кои нема да ја почитуваат мерката
11.03.2021
Помина првиот седумчасовен полициски час кој се воведува како рестриктивна мерка за спречување на ширењето на коронавирусот. Од синоќа од 22 часот до 5 часот утринава беше ограничено движењето на граѓаните, а на терен беа полициските службеници кои вршеа контрола.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој синоќа направи обиколка на неколку пунктови, порача дека мерката мора да се спроведе во целост и оти нема да има отстапки за никого.
– Оваа е мерка која никој не ја посакува, но е неопходна ако сакаме да го прекинеме ланецот на ширење на вирусот и токму заради тоа мораме сите да се придржуваме кон неа. Очекувам, како што започнавме оваа вечер, преку почитување на оваа мерка за забрана за движење, заеднички да придонесеме во наредните 14 дена да имаме намалување на ширењето на вирусот, стабилизација на состојбата и зачувување на здравствениот систем. Убеден сум дека заедно ќе ја добиеме и оваа битка против ковид-19, изјави Спасовски.
Тој апелираше до граѓаните да ја почитуваат мерката, а за оние кои нема да го сторат тоа најави прекршочни и кривични санкции.
Одлуката за полициски час ја донесе Владата завчера на предлог на Комисијата за заразни болести, која очекува дека со оваа мерка ќе се спречи натамошниот пораст на бројот на заболени и хоспитализирани лица.
Полицискиот час ќе трае до 22 март, а отстапки од забраната за движење ќе има за оние граѓани кои имаат потреба од итна медицинска помош. Одлуката за забрана за движење нема да важи и за патниците кои доаѓаат или заминуваат од меѓународните аеродроми, на кои како дозвола за движење ќе им се признаваат авионските карти. Оваа отстапка е иста и за патниците во меѓународниот превоз на патници. За транспортерите на лица и на стока како дозвола ќе се прифаќа патниот налог, додека транспортерите што транзитираат ќе имаат обврска најмногу за 3 часа да ја напуштат земјата од еден на друг граничен премин.
За останатите граѓани, движењето во периодот од 22 часот до 5 часот ќе биде дозволено само со дозволи. Ќе важат истите дозволи кои важеа и минатата година кога беше воведен полициски час. На оние кои ги изгубиле дозволите, Министерството за информатичко општество и администрација ќе им издаде нови.
Одлуката за полициски час беше донесена по зголемениот број на заразени и хоспитализирани лица.
Од Владата најавија дека ќе ја следат епидемиолошката состојба и оти следните мерки ќе бидат носени согласно тоа како таа ќе се развива.