Азески: Од бротчето во Охрид до пожарот во Кочани, не успеавме да изградиме функционална држава

Бротчето во Охрид, автобусот кај Ласкарци, авионите во Охрид и во Скопје, модуларната болница во Тетово и последниот случај во Кочани со дискотеката „Пулс“, ја потврдија тезата дека не успеавме да изградиме држава која структурално ќе функционира во интерес на граѓаните, туку живееме во држава која 34 години после својата независност сѐ уште работи во корист на нивната штета. Ова го истакна претседателот на Стопанската комора на РС Македонија Бранко Азески во писменото обраќање по повод големата трагедија во дискотеката “Пулс” што одзеде 59 млади животи.
„Да не зборувам за приватниот бизнис – сектор затоа што моите ставови ви се познати. Овде е потребен само еден збор – одговорност, која што Владата на премиерот Мицкоски мора да ја издигне на највисок пиедестал. Тоа значи санкции за сите, попуст за никого,“ потенцира Азески во соопштението за јавност.
Првиот стопанственик на македонската комора посочи дека и членките – најреномираните македонски компании изразуваат длабока жалост и сочувство кон сите настрадани и повредени лица и членовите на нивните семејства и јавно изјавува дека од денес ќе ги организира своите членки кои изразија желба организирано, преку Комората да помогнат на семејствата на настраданите и тоа ќе биде координирано преку Стручната служба на Комората.
„Како прва интервентна помош, вработените во Стопанската комора на Северна Македонија во текот на утрешниот ден ќе донираат 2 милиони денари на сметката на локалната самоуправа во Кочани. Другата синхронизирана поддршка од компаниите ќе биде итно доставена,“ додаде Азески.
Во изразите на сочувство и до сопствениците и менаџерите на компаниите од кочанскиот регион Азески ги потенцира вработените кои „доживеаа загуба која е ненадоместлива“.
Дума.мк
