Британскиот премиер ја засилува поддршката на Украина пред годишнината од војната на Путин
Премиерот има намера да ја забрза дипломатската и воената поддршка на Обединетото Кралство за Украина во претстојните недели, во обид да се оттурне Русија уште подалеку и да се обезбеди траен мир.
Напливот на дипломатски активности на Обединетото Кралство ќе се случува низ целиот свет оваа недела, откако премиерот им нареди на највисокиот ешалон на министри да поттикнат меѓународна акција во пресрет на првата годишнина од целосната инвазија на Украина кон крајот на февруари.
Премиерот веќе се обврза да обезбеди еднаква или да ја надмине веќе обезбедената одбранбена поддршка на Обединетото Кралство за Украина во 2023 година и тој им наложи на министрите и официјалните претставници оваа недела да се погрижат за што е можно поголема проактивност во рамките на целиот спектар на нашата поддршка.
Официјални лица од одбраната и безбедноста на Обединетото Кралство веруваат дека се отвори простор како резултат на фактот што Русија е во фаза на повлекување поради проблемите со снабдувањето и падот на моралот. Затоа, премиерот ги охрабрува сојузниците да ја распоредат својата планирана поддршка за 2023 година што е можно поскоро со цел да имаат максимално
влијание.
Испраќањето на тенковите Челинџер 2 (Challenger 2) во Украина е почеток на промена на брзината во поддршката на Обединетото Кралство. Ескадрила од 14 тенкови ќе влезе во земјата во наредните недели, откако премиерот му кажа на претседателот Зеленски дека Обединетото Кралство ќе обезбеди дополнителна поддршка за помош на копнената војна на Украина. Околу 30
AС90 (AS90), т.е. големи, самоодни топови, управувани од пет топџии кои ќе следат во претстојниот период.
Обединетото Кралство ќе започне со обука на украинските вооружени сили за употреба на тенковите и топовите во наредните денови, како дел од пошироките напори на Обединетото Кралство во рамките на кои илјадници украински војници беа обучени во Обединетото Кралство во последните шест месеци.
Премиерот го задолжи секретарот за одбрана да ги здружи европските сојузници со цел да се погрижи за што е можно постратешка и покоординирана глобална воена поддршка. За таа цел, Секретарот за одбрана ќе отпатува во Естонија и Германија оваа недела за да работи со НАТО сојузниците и другите меѓународни партнери.
Во меѓувреме, министерот за надворешни работи ќе отпатува во Соединетите Американски Држави кон крајот на оваа недела за да разговара за тоа како Обединетото Кралство и САД можат да ја искористат нашата позиција како водечки поддржувачи на Украина за да поттикнат понатамошна меѓународна акција.
Исто така, тој ќе отпатува во Канада – уште еден од најверните поддржувачи на Украина – за да разговара за потесна координација околу меѓународните санкции и нашите координирани напори за зајакнување на нашата поддршка за Украина.
Портпаролот на Даунинг стрит рече:
„Во пресрет на почетокот на втората година во која народот на Украина живее со немилосрдното руско бомбардирање, премиерот е силно посветен Украина да победи во оваа војна. Заедно со неговите најблиски воени советници, тој ја анализираше воената слика, го погледна стратешкото влијание на поддршката на Обединетото Кралство и го детектираше просторот каде што смета дека Обединетото Кралство и нејзините сојузници можат да имаат максимално влијание. Премиерот е убеден дека долгата и статична војна служи само за целите на Русија. Затоа тој и неговите министри ќе разговараат со нашите сојузници ширум светот во деновите и неделите што следат за да го засилат притисокот врз Путин и да обезбедат подобра иднина за Украина.“
Во пресрет на годината од инвазијата, премиерот ќе се обиде да ја демонстрира моќта на Обединетото Кралство како меѓународен катализатор со влијание во рамките на НАТО, Г7, Здружените експедициски сили и на други места.
Тој ќе работи со партнерите со цел да ја стави Украина во најсилната позиција што ќе ѝ обезбеди да влезе во идните мировни преговори од позиција на воена, економска и дипломатска сила и да обезбеди силен и траен мир.
Дума.мк