Бројот на заболени од Ковид-19 значително се намалува
Бројот на заболени и починати од ковид 19 полека се намалува. Надлежните најавуваат олабавување на мерките во јуни доколку трендот на намалување на бројот се здржи и понатаму. Министерот Венко Филипче, информира дека е забележано значително намалување на притисокот врз болниците кај нас .
-Голем број на ковид центрите се затворени, до крајот на неделата и одделенијата во зградата на интерните клиники се очекува да бидат вратени во нормала. Донесените мерки остануваат да важат до 1 јуни, продолжува препораката за карантин од 14 дена за сите патници кои доаѓаат од Африка, Индија, Јужна Америка. Вакцинацијата се одвива добро, близу 200.000 граѓани се вакцинирани, од нив 30.000 ревакцинирани, во државата се аплицирани близу 220.000 дози на вакцини. Продолжува вакцинацијата на сите пријавени во системот и веб сајтот vakcinacija.mk над 40 години, опфатени се дополнително пријавените граѓани над 65 години после 1 мај. Според најавите од Кинеската амбасада, 500.000 вакцини од Синовак треба да пристигнат на почетокот на јуни. Дополнителни 100.000 вакцини на Фајзер преку Ковакс системот во текот на месец јуни. Продолжува и динамиката на пристигнување на 10.000 вакцини од производителот Фајзер секој понеделник, преку нашиот директен договор и системот на солидарност од ЕУ до крајот на месец мај, информираше Филипче.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 154.891, бројката на оздравени пациенти е 146.499, на починати е 5.249, а бројот на активни случаи изнесува 3.143.