Бугарија испраќа војска на границата со Турција поради мигрантите
Бугарија испрати 350 војници на границата со Турција за да и помогне на полицијата поради зголемениот притисок од мигрантите, изјави министерот за одбрана Георги Панајотов.
Од денеска војниците се на бугарско-турската граница за поддршка на граничната полиција. Испратени се 350 луѓе, рече тој во интервју за БТВ.
Повеќе од 6.500 лица кои влегле илегално, главно од Авганистан, биле уапсени во Бугарија од јануари до септември, што е три пати повеќе отколку во истиот период во 2020 година, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Бугарија е на надворешната граница на ЕУ на рутата за мигрантите кои сакаат да стигнат до Европа. Ограда од бодликава жица, на места искината, се протега на 259 километри од бугарско-турската граница.
Во август, парламентот одлучи да испрати меѓу 400 и 700 војници на границите на Бугарија со Турција и Грција за да помогнат, меѓудругото, во поставувањето огради.
Бугарија како членка на ЕУ, никогаш не прифати поголем број баратели на азил и повеќето од нив ја напуштаат земјата пред и да добијат статус бегалци.