Денеска пристигнува нова пратка вакцини „Астра Зенека“

Објавено на 2 јули, 2021 во 09:34

Денеска ќе пристигне нова пратка на вакцини на „Астра Зенека“. Како што информира министерот за здравство, Венко Филипче,  има најава дека в петок ќе стигнат 10.000 вакцини на „Астра Зенека“, донација од Хрватска.

-Во текот на наредната недела се очекува да стигнат и 10.000 вакцини од Русија на „Спутник“. Вакцинацијата денеска се спроведува во сите вакцинални пунктови. Во текот на вчерашниот ден и завчера се вакцинирани околу 12.000 лица, а заклучно со вчера се вакцинирани 330.000 граѓани, изјави  Филипче.

Министерот истакна дека само со масовна вакцинација ќе ја победиме пандемијата.

-Вакцини има во доволна количина и сите се безбедни и ефикасни. Последните информации кои пристигнуваат од Европската агенција за лекови се дека вакцините се ефикасни и за новите соеви што ни влева многу надеж. Прашање на време е кога индискиот сој на вирусот ќе стане доминантен во Европа, затоа е важно што поголем број граѓани да се вакцинираат во овој период на стабилна епидемиолошка состојба. Само заеднички може да се заштитиме и да амортизираме евентуален нов бран наесен, вели Филипче.

Вкупно се аплицирани 557.400 дози вакцини, а ревакцинирани се 223.014 граѓани.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.