Денеска се празнува Преподобен Киријак Отшелник
Роден е во Коринт од родителите Јован и Евдокија. Татко му беше презвитер, а месниот епископ Петар му беше роднина. Во раната младост, епископот го постави за чтец на соборната црква. Читајќи го Светото Писмо, младиот Киријак ѝ се восхитуваше на Божјата Промисла којашто ги прослави сите вистински слуги на живиот Бог и го устрои спасението на човечкиот род. Во неговата осумнаесетта, година желбата за духовен живот го одведе во Јерусалим.
Таму тој стапи во манастирот на некој Божји човек Евсторгиј, којшто му даде почетни упатства за монашки живот. Потоа отиде кај свети Ефтимиј, кој го проѕре како иден духовен великан, го облече во схима и го прати на Јордан кај свети Герасим, каде што Киријак помина девет години. По смртта на Герасим повторно се врати во манастирот на свети Ефтимиј, во кој остана во безмолвие десет години. Потоа постојано го менуваше местото на подвигот, бегајќи од човечка слава. Се подвизуваше и во обителта на свети Харитон, каде што најпосле и го заврши својот пат на земјата, а наврши сто и девет години.
Прославениот подвижник и чудотворец свети Киријак беше крупен и силен во телото и таков остана до длабока старост и покрај тешкиот пост и бдеењето. Во пустината понекогаш со години се хранеше само со сурово зелје. Ревнуваше многу за православната вера изобличувајќи ги ересите, особено Оригеновата ерес. За себе зборуваше дека како монах, сонцето никогаш не го видело да јаде ниту да се гневи на некого. Според уставот на свети Киријак, монасите јадеа само еднаш дневно, и тоа после залезот на сонцето. Беше големо светило, столб на Православието, гордост на монасите, моќен исцелител на болните и благ утешител на тажните. Во полза на мнозина поживеа долго и се пресели во вечната радост на својот Господ, во 557 година.
Дума.мк