До 10 декември најголем дел од домаќинствата ќе имаат евтина дневна тарифа на струјата

Објавено на 6 октомври, 2023 во 17:08

Евтината дневна тарифа на електричната енергија започнува со примена од 1 декември во периодот од 13 до 15 часот и во првите 10 дена од декември најголем дел од потрошувачите, односно најголем дел од домаќинствата ќе имаат пристап на евтината тарифа, потврди денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски.

„Тарифниот систем за евтината дневна тарифа е донесен уште во јуни, објавен е во „Службен весник“, нема никакви измени и сето тоа ќе стартува и ќе си функционира беспрекорно. Значи, нема никакви проблеми. Евтината тарифа ќе биде воведена и тоа ќе биде одлична вест за граѓаните, особено за пензионерите коишто во изминатиот период кажаа јасно и гласно дека таа многу им помага во нивниот стандард и од тоа нема отстапки, рече Бислимоски во одговор на прашање пред почетокот на Економскиот форум „Од криза до решенија: Станавме ли поотпорна економија денес?“ во организација на Фајнанс тинк.

Нагласи дека потрошувачите треба да и веруваат на РКЕ.

„Ние не бегаме, со секој којшто сака да разговара на оваа тема ќе разговараме, ќе се убедуваме, ќе се докажуваме, но многу пати досега докажавме дека тоа што сме го кажале тоа и се реализирало. Како ќе биде во наредниот период не зависи само од РКЕ, зависи од многу други чинители. Што може да преземе РКЕ како во случајот со парното ќе преземе за да не дозволиме ценовни шокови за потрошувачите во државата,“ потенцира Бислимоски.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.