ДЗР: Низок степен на реализација на владините мерки во секторот туризам
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема ,,Ефикасност на преземените мерки и политики за намалување на ефектите од пандемијата во секторот туризам’’, согласно Годишната програма за работа на ДЗР за 2021 година.
Целта на извршената ревизија била да се даде одговор на прашањето „Дали преземените мерки и политики од страна на Владата на РСМ и надлежните институции се во функција на развој на туризмот и намалување на ефектите од кризата од пандемијата во секторот туризам?”
Ревизорите констатирале дека креирањето на мерките и политиките треба да се врши со среднорочно и долгорочно стратешко планирање на државно ниво, со дефинирање на цели и приоритети, како и потреба од анализа за влијанието на мерките со што ќе се обезбеди следење на ефикасноста од нивното спроведување и ќе се дадат идни насоки за постапување.
-Недостапноста на навремени, консолидирани и јасни податоци за доделената финансиска поддршка оневозможува да се изготвуваат навремени и ефикасни анализи за ефектот на мерките во секторот туризам. Нискиот степен на реализација на мерките од областа туризам не одговара на поставените цели за справување со кризата од пандемијата, велат од ДЗР.
Во однос на воспоставената правна рамка која го регулира секторот туризам со ревизијата е утврдено дека има потреба од измени на законската регулатива поради потешкотии во имплементацијата на законските решенија, што води кон отежната реализација на програмите за развој на туризмот.
-Со анализата на Националната стратегија за развој на туризмот 2016-2021 и Акцискиот план 2019-2021, ревизорите констатираат дека не се следи реализацијата на планираните активности и незадоволителен е степенот на имплементација на активностите од Акциониот план, што влијае на планирањето, креирањето, донесувањето и имплементацијата на политиките и мерките во областа туризам.
Во делот на реализацијата на програмските активности на надлежните институции за туризам е утврдено континуирано намалување на Буџетот за период 2018-2021 година, со исклучок на 2020 година.
Исто така утврдена е потреба од унапредување на институционалните капацитети, соработка и координација на активностите на централно и локално ниво и формирање на Комитет за туризам како орган од највисок ранг надлежен за туризмот во земјата, стои во извештајот.
Од ДЗР велат дека владата на РСМ нема воспоставено систем за следење на секоја мерка одделно и не е развиена и објавена централна база на податоци во која на дневно или месечно ниво би се објавиле информации за степенот на реализација на секоја поединечна мерка со податоци за планираните средства, бројот на деловни субјекти и граѓани за кои е наменета мерката, изворот на средствата, степенот на нивната искористеност и неискористеност, причините за не реализираност на мерката.
-Во однос на контролата над исполнувањето на условите за доделената финансиска поддршка на туристичките агенции од шестиот пакет на мерки, ревизорите констатираат дека не е утврден начинот на кој ќе се врши контролата за исполнување на условите, ниту пак е определена надлежната институција која ќе ја врши контролата и мерки кои ќе се преземат во случај на неисполнување на критериумите и неизвршен поврат на средства.
Со спроведената ревизија е добиено разумно уверување дека Владата на РСМ преку донесените антикризни мерки за поддршка на економијата/туристички сектор, кои се фокусирани на граѓаните, нивните работни места, социјалната сигурност, солидарност и креирање амбиент за полесно надминување на економските последици од корона вирусот, како и програмските активности на надлежните институции за туризам имале делумно влијание за ефикасно справување со последиците од пандемијата и намалување на ефектите од кризата во секторот туризам, стои во ревизијата на ДЗР.