На екологистите им треба поддршка од граѓаните!

Објавено на 3 ноември, 2012 во 23:49

Одалечени на 5 километри од населено место да се градат сите фабрики кои што се во класата на тешка индустрија. Растојанието да се мери од периферијата а не од центарот на градовите или селата. Ова го напишаа, експерти и правници, во иницијативата за дополнување на законот за заштита на животната средина. Неа ја иницираа четирите еколошки друштва Вила зора, Еко, Молика и Грашница од Велес, Скопје, Битола и од Охрид. За да ја испратат до претседателот на  Собранието, Трајко Вељановски треба да биде поддржана од сто граѓански потписи.

 

„ Граѓаните, од понеделник 5 ноември, во подрачни единици на министерството за правда во Велес, Скопје, Битола и Охрид ќе можат да ја дадат својата поддршка. Лично треба да отидат и да се потпишат на образецот. Со себе мора да носат лична карта,“ рече претседателот на ЕД „Вила зора“, Ненад Коциќ.

Штом се соберат потписите иницијативата ќе биде испратена и ќе се чека на одговорот од првиот парламентарец во државава. Ако иницијативата го помине тестот на уставноста тогаш екологистите од четирите градови во Македонија ќе треба да соберат вкупно 10 илјади потписи за да и обезбедат расправа во Парламентот. Пратениците ќе треба да одлучат дали со барањето за изградба на топилници, рафинерии и други фабрики пет километри подалеку од градовите ќе го дополнат членот 20 од законот за заштита на животна средина.

„Оваа иницијатива за цел има да не се повтори грешката со Топилницата во Велес на било кое друго место во државата, да не се дозволи нејзино рестартирање на постоечката локација во нашиот град бидејќи е на само петстотини метри оддалечена од првите куќи и да се осигураат инвеститорите дека нема да имаат отпор од граѓаните за фабриките што ќе ги градат а не се класифицирани во тешка индустрија“, рече Коциќ.

Екологистите ги повикаа граѓаните да се одзват и да го дадат својот потпис во интерес на заштитата на животната средина, сопственото и здравјето на идните поколенија. Тие рекоа дека за иницијативата ги поттикнал случајот со велешката Топилница која 30 години работеше во Велес на неполн километар од центарот на градот.

 

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.