Проговорија дрвјата во Амазонската прашума!
Дрвјата во најголемата светска прашума ќе можат да повикаат помош ако некој илегално ги сече.
Веста што ја пренесуваат светските медиуми не е фикција туку вистински проект. Апаратите наречени „invisible tracks“ ќе бидат поврзани со антени во радиус од околу 30 километри и ќе им овозможат на дрвјата да помогнат во откривањето на дрвокрадците. Технологијата е изум на холандската организација „Гемалто“. За жал, овој изум не може да ја спречи смртта на дрвото, но доколку исеченото стебло на кое е поставен апаратот се приближи до антена, веднаш ќе испрати сигнал што ќе овозможи следење на дрвокрадците и превенција на идно уништување на шумата.
Апаратите се издржливи на амазонската клима, а батеријата може да издржи до една година. Доволно малечки да не бидат забележани, можат да бидат вистински чувари на белите дробови на планетата.
